
Факултетот за ликовни уметности – Скопје оваа година одбележува значаен јубилеј – 45 години од своето постоење. Во текот на четири и пол децении, ФЛУ се изгради како реномирана високообразовна институција, центар на креативност, уметничко истражување и развој, а клучната улога во оваа приказна ја имаат токму студентите – младите уметници кои со своите идеи, труд и талент ја дефинираат иднината на уметноста во Македонија. Нивните приказни и искуства се доказ за важноста на ФЛУ како поттикнувач на уметничкиот израз и професионалниот раст.

Инспирација и првите чекори во уметноста
Секој студент има своја уникатна приказна за тоа како го започнал своето патување на ФЛУ. Вилијам Стојановски, студент на втора година од Катедрата за ликовна педагогија, вели дека го поттикнала „визијата за самиот себе како уметник, познавајќи ги талентите кои ги носи и желбата за слободна експресија преку уметноста“. Оваа визија го насочила кон ФЛУ, каде што, како што истакнува, „средината носи искушенија за подобро себеизразување, тестови кои еден иден уметник треба да ги помине креирајќи се себе преку своите дела“.
Мартина Спасовска, постдипломка од областа сликарство, ја истакнува својата долгогодишна поврзаност со уметноста: „Визуелната уметност отсекогаш била мојот најприроден начин на изразување, па изборот да студирам ликовна уметност дојде сосема спонтано.“

Слично размислува и Доротеј Нешовски, постдипломец по скулптура, кој својата инспирација ја добил уште од детството: „Желбата за уметност ја добив уште како дете кога посетував школа за цртање, а искуството со моделација беше водилка да продолжам со ликовно образование“, вели Нешовски.

Влијанието на ФЛУ врз уметничкиот израз
Факултетот за ликовни уметности е повеќе од образовна институција – тоа е средина која ги обликува уметниците како индивидуи, им овозможува слобода на изразување и истражување на различни стилови и техники. Јана Бутеска, студентка на втора година, истакнува: „Можноста да се запознам со различни пристапи кон уметноста посочени од професорите, колегите и самовложувањето ми помогнаа да го проширам моето видно поле и да експериментирам со нови техники“, вели Бутеска.
Идната сликарка Спасовска нагласува дека „факултетот е средина што ти дава слобода, но и те предизвикува да се преиспитуваш“. Таа додава дека преку овој процес на постојано истражување и експериментирање успеала да изгради свој јазик во уметноста, преку кој комуницира со публиката.
Нешовски го истакнува влијанието на менторите и работилниците: „Имавме можност да работиме со визитинг-уметници, да учествуваме во работилници и перформанси како ‘Универзитет без ѕидови’, што ни овозможи да го разбереме светот на уметноста во нов контекст“.
ФЛУ како место за развој и поддршка
Студентите на ФЛУ се подготвуваат за идниот професионален живот преку практична работа и учество во различни настани. Вилијам Стојановски нагласува дека „факултетот ги подготвува студентите преку практична работа со различни медиуми, слободно креирање и пренесено знаење од искусни уметници“.

Михаил Паскоски истакнува дека соработката со невладини организации, фирми и амбасади им помага на студентите да се соочат со надворешниот свет: „Овие соработки се најдобриот исчекор за запознавање како функционира професионалниот уметнички живот“, вели Паскоски.

Евгенија Трајковска, апсолвент на Катедрата за графика, вели дека за студентите е клучно да добијат повеќе поддршка од институциите и медиумите: „Со повеќе конкурси, резиденции и јавни изложби, младите уметници би можеле побрзо да се етаблираат и да добијат заслужено внимание“.

Младите уметници се свесни за улогата на уметноста во општеството и важноста на нејзината видливост. Доротеј Нешовски нагласува дека „уметноста постојано се дефинира и редефинира, а улогата на уметникот е да биде активен дел од социјалните текови и да ја придвижува јавната свест“.
Мартина Спасовска смета дека „видливоста на делата е неминовна доколку авторот е автентичен и пренесува длабока и искрена порака“, додека Јана Бутеска истакнува дека „во нашето општество уметноста не се цени доволно и не добива поддршка, но верувам дека преку соработка со уметници од различни земји можеме да донесеме свежи перспективи“.

Јубилејот и значењето на традицијата
На прашањето каде го гледаат ФЛУ за 10 години, Михаил Паскоски одговара: „Во конкуренција со најдобрите ликовни факултети во регионот“, додека Нешовски додава дека факултетот ќе продолжи да биде „расадник на нови автори и ќе има активен удел во обликувањето на културниот живот во земјата“.
Доротеј со восхит зборува и за богатото наследство на Факултетот за ликовни уметности и улогата на истакнатите професори кои оставиле длабок печат во историјата на македонската уметност.
„Наследството на Факултетот за ликовни уметности во изминатите 45 години е обликувано од неговата еволутивна улога во поттикнувањето на уметничкото изразување, интелектуалните подвизи, слободата на творештвото, развојот на уметноста, нови можности за истражување на внатрешните територи на уметноста и прилагодувањето на променливите културни, социјални идентитети. Радост е како ги поместиле границите во уменоста со своите движења. Постојано се восхитувам на големината на авторството на проф. Петар Хаџи Бошков, проф. Димитар Кондовски, проф. Душан Перчинков, проф. Родољуб Анастасов, проф. Танас Луловски, проф. Стефан Маневски и други“, посочува Нешовски.
Студентите на ФЛУ се јасен показател дека факултетот е на прав пат да ја задржи својата важност и влијание во македонската уметност. Нивната пасија, креативност и желба за уметничка експресија го одржуваат духот на ФЛУ жив и го насочуваат кон идни успеси. Јубилејот од 45 години не е само повод за славење, туку и потсетник дека иднината на ФЛУ е во сигурни раце – во рацете на овие млади уметници.
Младите уметници се иднината на факултетот, и активно го обликуваат културниот пејзаж на Македонија. Нивната способност да експериментираат, да истражуваат нови изрази и да соработуваат со уметници од целиот свет е гаранција дека ФЛУ ќе продолжи да биде расадник на таленти и иновативни идеи. Со посветеноста на професорите, поддршката од институциите и отвореноста кон нови уметнички пракси, ФЛУ ќе остане симбол на креативноста и напредокот во македонската уметност.

Централен настан и официјална прослава на 45-годишниот јубилеј е ретроспективната изложба на 3 април во Музејот на современа уметност – Скопје. Со изложбата, ФЛУ и МСУ заеднички, ќе го претстават богатото наследство и креативниот придонес на факултетот во развојот на македонската и регионалната уметничка сцена, симболично претставувајќи го континуитетот и еволуцијата на уметничките изрази што се развиваа во текот на четири и пол децении.