
На пациентите кои се повредени од пожарот во дискотеката во Кочани им претстои рехабилитација и многу е важно тој процес да го водат професионалци. Сите пациенти кои имаат потреба од физикална терапија, психолошка помош и преврски и третман на рани, изгореници и останати повреди треба да побараат помош од стручни лица, професионалци, тимови кои се обучени за вакви состојби, вели во интервју за „Република“ д-р Игор Николов, кој по несреќата на 16 март беше назначен за сите информации поврзани со состојбата на повредените пациенти кои се на лекување во странство.
На 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани во пожар загинаа 59 лица, меѓу кои и 6 деца, речиси 200 беа повредени, од кои 25 деца.
Во моментов 108 пациенти се лекуваат во странство, а во Скопје вкупно 23. Сите се стабилни и во добра состојба. Останите повредени се пуштени на домашно лекување. Сега следи втората фаза од трагедијата, враќањето на пациентите дома.
Оваа трагедија во Кочани прилично влијаеше не само на околината, туку и на нас, здравствените работници, имајќи предвид дека со вакво нешто не сме се соочиле, со олкав број повредени одеднаш, кои се млади, блиски меѓу себе и кои беше потребно во кратко време да бидат тријажирани и соодветно третирани, вели д-р Николов.
Тој во разговор за „Република“ објаснува дека веднаш по трагедијата во Кочани се понудија за помош повеќе земји кои имаат искуство со вакви несреќи. Д-р Николов искажува посебна благодарност до сите наши медицински работници, сите странски колеги и боолници кои пружаат натчовечки напори за секој пациенти.
Имаше земји кои не само што ги згрижија нашите пациенти, туку испратија и свои медицински специјалисти, како на пример Израел. Дополнително, Романија, Луксембург и Норвешка ни ставија на располагање специјализирани авиони за медицинска евакуација. Има држави во кои немаме пациенти, но на кои сме им длабоко благодарни бидејќи помагаа логистички, овозможувајќи над сто лица да бидат безбедно упатени во странски медицински центри, вели д-р Николов.
Во целиот процес имавте одлична соработка и поддршка од докторите кои дојдоа од старанство. Што опфаќа краткорочниот и долгорочниот план за третман на пациентите кои се лекувааат надвор од државата?
Д-Р НИКОЛОВ: Меѓу првите пристигна тим од Израел, којшто ја понуди и ја даде својата експертиза. Во исто време имавме и тим од воено-медицински стручњаци од Чешка. Тие заедно работеа со нашите медицински лица кои ги третираа пациентите. Од нив добиваа совети и искуства за начинот на третман и тоа во овој почетен период, по акутното настанување на повредите. Со нив правевме план за натамошниот третман, за понатамошното следење на пациентите. Станува збор за долготрајна битка која нема да заврши за брзо време. Ова се пациенти на кои ќе им биде потребна рехабилитација од повеќе аспекти и тоа рехабилитација на телесните повреди, потоа од стресот што го доживеале. Имаме пациенти кои се третираат во центри во странство каде што им е направена трансплантација на кожа, последни податоци се дека има пациент на кој му е направена трансплатација на лице, значи целиот овој план за третман ќе биде долгорочен. Тој опфаќа медицинска, физикална рехабилитација, бидејќи на пациентите им е потребно враќање на мобилноста на телото, потоа рехабилитација, односно третман на изгорениците, но и психолошка рехабилитација која ќе им биде неопходна, како на повредените, така и на нивните семејства. Планираме и подготвуваме тимови од физикална медицина, тимови од психологија-психијатрија кои треба да работат со пациентите, тимови од пластична хирургија. Пристапот е мултидисциплинарен. Се бориме за животот на секој еден повреден.

Каква е состојбата денеска со пациентите?
Д-Р НИКОЛОВ: Состојбата на пациентите кои се третираат во државата и во странство кај најголемиот дел е добра и стабилна. Има 4-5 пациенти кои се во потешка и покомплицирана состојба и за нив е потребен специјализиран третман. Од медицински аспект, стабилна состојба е променлива и варијалбилна категорија. Пациентите се распределени во специјализирани центри и добиваат најдобра нега која ќе резултра со нивно излекување и враќање дома во рехабилитирана, односно здрава сосјба. Сега се соочиуваме со втората фаза од оваа трагедија, кога следи враќање на пациентите во државата. Вкупно 115 пациенти заминаа на лекување во други држави, и до крајот на неделата, според последните информации што ги добиваме бројката би требало да падне под 100. Очекуваме до крајот на неделата да се вратат пациенти од Австрија, Белгија и Унгарија, додека вчера се вратија од по еден пациент од Србија и Бугарија.
Што опфаќаат протоколите за пациените кои се враќаат во Македонија?
Д-Р НИКОЛОВ: Со медицинските тимови кои беа дел од кризниот штаб направивме протокол според кој пациентите треба да бидат вратени назад. Протоколите се по светски стандарди и водичи. Добиваме точни информации од центрите каде што се лекуваат пациентите, во каква состојба се, не само клиничка, туку и психолошка, какви се виталните параметри. Значи, станува збор за сите информации кои нам ни се важни за пациените кога ќе вратат во земјата. Ставот на кризниот штаб беше пациените да се вратат во институциите од каде што биле упатени. Ако се во стабилна состојба, ќе се вратат онаму од каде што биле упатени. Последните информации се дека првите враќања на пациентите ќе бидат од земјите каде што на крајот беа испратени пациентите. Овие пациенти беа, ако може така да се каже, во постабилна состојба. Најтешките пациенти ни се во земјите кои први дојдоа, како Турција, Бугарија, Србија и Грција. Но, бидејќи ни се во соседството, тоа е предност заради тоа што нивното повлекување во Македонија ќе биде од логистички апект поедноставно изведено.
Неколку западноевропски држави се понудија за подолгорочна рехабилитација на потешките пациенти. Што би опфатила таа поддршка?

Д-Р НИКОЛОВ: Во соработката на тимовите кои ни се понудија, прво тимовите кои беа тука, како што се израелскиот тим, имаме сугестии за долгорочен третман на пациенти кои би се вратиле во земјата. Тие ни ги испратија нивните протоколи и правилници и врз основа на тие протоколи, ние се подготовуваме. Тие најмногу инсистираа на третман на изгорениците. Имаме подготовено протоколи за физикална рехабилитација и за психолпшка и психијатриска рехабилитација со специфично прецизни постапки и цели кои треба да бидат реализирани од тимовите на психолози и психијатри кои се достапни за овие пациенти. Планот е да се отворат Центрите за ментално здравје коишто се во близината на Штип, Кочани за пациентите, ако почувстуваат потреба, можат да ги посетат. Апелираме, сите пациенти кои имаат некаква потреба за рехабилитација, да консултураат експерти и стручни лица од соодветната област како физикална медицина, експерти за ментално здравје и стручни лица за третман на рани, изгореници и останати повреди. Многу е важно во фазата на долгорочна рехабилитација тој процес да го водат професионалци, тимови кои се обучени за вакви сосојби и апелот е сите кои имаат потреба и чувстуваат дека имаат потреба да бидат водени, следени и третирани од вакви тимови.
Може ли да се претпостави временски колку ќе трае заздравувањето и лекувањето на повредените пациенти од Кочани?
Д-Р НИКОЛОВ: Оваа трагедија ќе остави голема трага во општеството. Посебно ќе биде тешко за оние кои имаат близок, познат, некој кој настрадал во оваа несреќа. Долгорочниот третман можно е да биде повеќе од две години, но секако, нашето општетвото ќе го памети периодот пред и по кочанската несреќа, како што го паметиме периодот пред и по земјотресот во Скопје. Ова ќе биде една трага која ќе биде неизбришлива за нас како општестово и како држава. Ментално, ќе го паметиме како една голема лузна. Рехабилитацијата ќе биде долготрајна и макотрпна, затоа што навистина ќе треба време сите овие настрадани во несреќата се изборат со оние трауми и лузни кои ги имаат од трагедијата.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
фото и видео: Александар Ивановски
Монташа: Александар Арсовски