
Славниот шпански тенор и диригент Пласидо Доминго вечерва во арената „Борис Трајковски“, заедно со Марија Хозе Сири – една од водечките сопрани во светот и со оркестарот на Македонската опера и балет приредува вистински музички празник сред Скопје.

Концертот го води диригентот Жорди Бернасер од Шпанија.
Oперскиот пристигна во Скопје во средата. Без ни минута одмор, славниот маестро од аеродромот директно се упати кон Националната опера и балет, каде заедно со оркестарот на НОБ ја одржаа првата проба.

Вечерашниот оперски концерт ќе има два дела. Првиот ќе биде со дела од италијанската музичка литература, а вториот дел ќе биде проткаен со шпанското музичко творештво и со неколку арии од оперетите на Штраус и Лехар.

Концертот го организира Македонската опера и балет со „Прагма продукција“, а со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Директорот на Македонската опера и балет Оливер Арсовски минатиот месец на прес-конференција нагласи дека овој концерт е шанса за позиционирање на државата на светската сцена.
Се надевам и сигурен сум дека ќе има бис, изјави Арсовски.
Пласидо Доминго има кариера, која се протега 50 години, и е заслужен дел од светската оперска уметност. Досега имал над 150 солистички улоги, над 4.400 настапи и над 600 настапи како диригент. Доминго, како што рече, е едно од најпочитуваните имиња во класичната музика, освојувајќи безброј признанија, вклучително и 12 „Греми“ награди. Доминго бил член на Тројцата тенори, режисер, диригент, почесен уметнички директор на Стогодишниот фестивал Арена ди Верона и генерален директор на Операта во Лос Анџелес и Националната опера во Вашингтон.
Марија Хозе Сири е драмски сопран број еден во светот. Досега имала над 150 настапи, а во 2010 година настапи на Мајските оперски вечери.
Концертот ќе го диригира шпанскиот диригент Жорди Бернасер, кој од 2012 година соработува со Пласидо Доминго. Тој е еден од врвните шпански диригенти.
Како што информираа од „Прагма продукција“, гостувањето на Доминго е специјално и не е дел од некаква турнеја. Најавија дека продукцијата и озвучувањето на концертот ќе биде перфектно, додавајќи дека ова не е прв концерт на Пласидо Доминго во спортска сала.
За една мала земја како што сме ние, ова е од големо значење. Маестро Доминго не почитува и како земја, тоа може да го видите во изјавите, и без никакво наше нагласување, земјава ја претстави како Македонија, во сите негови изјави и на неговата официјална веб-страница, соопштија од „Прагма продукција“.
Маестро Доминго во пресрет на концертот преку видео изрази задоволство што ќе настапи во земјава и најави настан што долго ќе се памти.
Програмата на концертот ќе ги разбуди сите емоции: радост, смеа и, се надевам, моменти кои ќе ги паметиме засекогаш. Ова е моја прва посета на Македонија и навистина сум возбуден што конечно ќе ја доживеам магијата на вашата прекрасна земја”, порача Пласиди Доминго.