
Покривот на штипскиот Народен театар протекува, во изминатите пет децении се реконструирани само тоалетите. Новиот директор на Центарот за култура „Ацо Шопов“, Филип Стеваноски, најави дека се прават напори да се реконструира овој објект, но во лоша состојба е и зградата на Домот на културата. Во неа нема греење, па големата сала во текот на зимата е затворена за настани, односно нема културно-уметнички настани од ноември до март.
– Мене повеќе ме загрижува Домот на културата, бидејќ,и искрено и реално, од ноември до март е под клуч. Немаме никакво греење, тоа не е отсега, туку е со години наназад. Таму имаме 618 седишта. Да се стопли тој простор, таа сцена и таа огромна сала, е навистина голем предизвик. Во план е реконструкција и на таа сала – најави Стевановски.
Изминатиот период, променета е влезната врата на штипскиот Центар за култура, со што се поместуваат работите од мртва точка и, како што вели Стевановски, се работи со целиот тим за да се подобрат работите. Тој додава дека треба да се работи и на вработување нов кадар, бидејќи голем дел од вработени одат во пензија, а нивните места не се пополнуваат.