
„Бушава азбука“ е инструмент кој најдобро ги негува идентитетот и националната припадност, а „Бушав буквар“ ја задржува структурата и препознатливоста на „Бушава азбука“ притоа воведувајќи нова и оригинална содржина, велат од екипата на „Бушав буквар“, последното недовршено дело на македонскиот писател и драматруг Горан Стефановски.
Од екипата потсетуваат на значењето на зачувувањето на македонскиот јазик, кој пред 80 години беше официјално кодифициран. Денеска, 21 февруари се одбележува Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.
„Бушава азбука“, како едно од најзначајните културни и образовни дела, сè уште не е доволно препознаена од институциите како национален проект, иако веќе 40 години игра клучна улога во негувањето и ширењето на јазичната култура.
„Бушав буквар“, последното недовршено дело на Горан Стефановски, кое е продолжение и возобновување на „Бушава азбука“, остана заробено во бирократските фиоки речиси 10 години. Додека јазикот е под закана, институциите не сметаат дека проектите како „Бушава азбука“ треба да бидат дел од национален интерес. „Бушав буквар“ ја задржува структурата и препознатливоста на „Бушава азбука“ притоа воведувајќи нова и оригинална содржина, велат од екипата.
Режисерот Слободан Унковски, кој исто така е дел од екипата на новото продолжение, нагласува дека не треба да се чека само на телевизија, туку дека новите технологии треба да бидат канал за понатамошно промовирање на јазикот.
„Не велам дека треба да има Министерство за јазик, ама јазикот ни е исто важен како Министерство за одбрана, на пример, или како Министерство за политика. Затоа што тоа е суштината, нема друго,“ посочува режисерот Унковски.
Без одржување на мајчиниот јазик, ќе изгубиме еден од најзначајните елементи на нашиот идентитет. Додека многу се зборува за идентитетот и националната припадност, всушност, „Бушава азбука“ е инструмент кој најдобро ги негува тие вредности. Поради тоа, важно е да се поддржи и финансира проект како овој, кој не само што е значаен за македонскиот народ, туку е дел и од нашата иднина.
„Бушав буквар“ е реобмислено и долгоочекувано продолжение на „Бушава азбука“ во продукција на 2БА продукција и Види Вака раскажувачко студио.