Skip to main content

Константинос Тасулас избран за претседател на Грција

Поранешниот собраниски спикер и кандидат од владејачката Нова демократија, претпладнево со 160 гласа „за“ од пратениците беше избран за претседател на Грција за време на четвртото гласање во Парламентот за шеф на државата, на кое потребно беше еден од четворицата кандидати да добие најмалку 151 глас, јави дописничката на МИА од Атина.

За Тасулас гласаа целата пратеничката група на Нова демократија, вкупно 156 пратеници, двајцата поранешни членови на владејачката партија, сега независни, како и уште двајца независни пратеници.

Соопштувањето на резултатите од претседателот на Парламентот Никитас Какламанис и изборот на Константинос Тасулас беше проследено со аплауз од пратениците на Нова демократија.

Гласањето беше јавно со прозивање на секој од пратениците кои имаат две опции: или да одберат еден од кандидатите или да изјават дека се воздржани.

Поранешниот претседател на Парламентот доби еднаков број гласови како и на претходните три гласања, додека пак имаше промени во гласовите на останатите кандидати со оглед на тоа што пратеничките групи на Нова левица (11 пратеници) и Курс на слобода (6 пратеници) како и дел од независните пратеници решија да отсуствуваат од процедурата за избор на претседател.

Поконкретно, по денешното гласање во кое учествуваа 276 од 300 пратеници:

Константинос Тасулас, кој до неодамна беше претседател на Парламентот, како предлог од владејачката Нова демократија повторно доби 160 гласа.

Поранешниот министер и професор Тасос Јаницис предложен од ПАСОК, доби 34 гласа.

За поранешната пратеничка и министерка од ПАСОК Лука Кацели предлог од СИРИЗА денеска гласаа 29 пратеници, наспроти 40 во претходните три гласања.

За писателот Костас Кирјаку предлог на партијата Победа гласаа повторно 14 пратеници.

Воздржани беа 39, а отсутни 24 пратеници

При првите две гласања одржани на 25 и 31 јануари неопходно беше двотретински мнозинство за да се избере претседател, односно 200 од 300 пратеници, а на третото одржано минатиот четврток неопходни беа три петтини односно 180 гласови „за“.

Петгодишниот мандат на актуелната претседателка Катерина Сакеларопулу завршува на 13 март годинава, кога новиот претседател ќе положи свечена заклетва и ќе ја преземе функцијата.

Поврзани вести