
Осум лица, меѓу кои и претседател на малата радикално десничарска партија ЛАОС како член на раководството на криминална организација, се уапсени во голема полициска акција во Атина поради измами врз Националниот фонд за социјално осигурување (ЕФКА) со нанесена штета од над над 1,5 милиони евра, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.
Од грчката полиција информираа дека во тек е голема акција на Поддирекцијата за борба против економскиот криминал во области Атика за разбивање на криминална организација која, се чини дека вршела измами на штета на e-ЕФКА и била вмешана во затајување данок.
Досега уапсени се осум лица, меѓу кои сметководители, бизнисмени и фиктивни управители, но и лица кои наводно имале раководна улога во организацијата.
Според истите информации, организацијата дејствувала од 2021 година, основајќи компании со фиктивни управители, а кога ќе дошло време за плаќање на придонесите кон e-ЕФКА, компаниите престанувале со работа или ги оставале своите обврски неплатени.
Грчките медиуми објавија дека раководна улога во криминалната организација имале Филипос Камбурис, претседател на ЛАОС и неговата сопруга, а штетата се проценува на над 1,5 милиони евра.
ЛАОС е мала радикално десничарска партија што нема свои претставници во грчкиот Парламент.(МИА)

Македонски


