![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2024/12/potrosuvacka-kosnica.jpg)
Премиерот Христијан Мицкоски денеска посочи дека месечната синдикална кошничка за првпат е воведена во 2010 година кога на власт беше тогашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. За новата методологија при пресметката од декември 2023 година, Мицкоски вели дека тогашната опозиција ја немала на увид.
-Откако ја добивме на увид, прво разговаравме со синдикатите и не излеговме во јавноста да правиме естрада од тоа. Кога ќе видите кои производи се внатре, збунувачки делува. Дел од производите, граѓаните не ги користат или не ги користат во тој обем. Не знам колкава ќе биде реалната кошничка, можеби цените ќе бидат поголеми. Да создаваме таква потрошувачка кошничка која навистина граѓаните ја користат. За оваа не мислам дека е минимална потрошувачка кошница, рече премиерот на прес-конференција по потпишувањето на сепаратните договори меѓу АД ЕСМ и Банкарска група KfW (германска јавна финансиска институција за поддршка на претприемништвото и на малите и средните претпријатија) во Владата.
Неодамна, премиерот, коментирајќи ја методологијата за пресметка на минималната потрошувачка кошничка, рече дека некои производи му се чудни, посочувајќи дека не е логично во неа да има цигари и оти тој во јануари не пробал цреши, праски, дињи или лубеница. За таа цел, смета дека треба да има интервенција во методологијата на минималната кошничка, врз основа на објективни параметри, со земање предвид на поскромни цени, а не со тие во поексклузивните супермаркети.
Нема договор за минималната плата, но ќе има официјална потрошувачка кошница што ќе ја креираат синдикатите, Државниот завод за статистика, Организација на потрошувачи, како и министерствата за економија и за финансии – ова беше договорено на последната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС) што се одржа во Владата.