Skip to main content

Хабиб Буњаку е убиениот во Чаир, син на директорот на Техничка инспекција од ДУИ

Триесет и петгодишниот скопјанец, кој вчера го загуби животот во престрелката во скопски Чаир, е Хабиб Буњаку, син на Екрем Буњаку од ДУИ кој осум години беше директор на Техничка инспекција.

На социјалните мрежи пријателите се простуваат од него, а меѓу нив е и Мухамед Зекири од СДСМ.

Како што претходно денеска соопшти МВР, прво, ноќва во 00.06 часот во СВР Скопје, од Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ било пријавено дека кај нив со повреди од огнено оружје биле донесени Х.Б.(35) и А.Д.(35), двајцата од Скопје, и дека подоцна Х.Б. починал, а над А.Д. била извршена интервенција и бил задржан на лекување.

По преземени мерки, соопштува МВР, било утврдено дека тие претходно учествувале во вооружена престрелка на подрачјето на Чаир.

Поради повреди од огнено оружје, во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ бил пренесен и Н.Д. од Скопје.

Исто така, по преземени мерки, а поради сомнение дека учествувале во престрелката, полициски службеници од СВР Скопје околу 01.40 часот во болницата го лишиле од слобода Б.Б.(39) од Скопје, на подрачјето на Чаир го лишиле од слобода Н.Д.(22) од Скопје, додека, подоцна биле пронајдени и лишени од слобода Р.Р.(41) и К.Т.(28), двајцата од Скопје. Лицата биле задржани во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни пријави, велат од МВР.

Мотивите за нападот засега не се познати. Неофицијално, се истражува дали станува збор за пресметка поврзана со криминални активности или за личен конфликт што ескалирал во вооружен напад.

Поврзани вести