
Од 14 до 28 октомври во Скопје ќе се одржи 21. издание на фестивалот „Златна лира“, со осум концерти на истакнати македонски музички уметници и камерни ансамбли.
Во организација на Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ), од 14 до 28 октомври 2026 година, во Музејот на револуционерната борба во Скопје, ќе се одржи 21. издание на фестивалот „Златна лира“. Со континуитет од повеќе од две децении, фестивалот се етаблира како значајна платформа за афирмација на македонската репродуктивна музичка уметност, со особен акцент на камерното музицирање, негувањето на интерпретативната традиција и претставувањето на различните генерации домашни музички уметници.
Годинашната програма опфаќа осум концертни вечери, во кои камерната музика се претставува низ разновидни инструментални состави, стилски епохи и естетски изрази. Од барокната полифонија и класичната формална јасност, преку романтичарската експресивност, до звучните и ритмичките истражувања на музиката на 20 и 21 век, фестивалот нуди широк пресек на камерниот репертоар. Посебно место заземаат делата на македонските композитори, поставени во непосреден дијалог со европското и светското музичко наследство.
Фестивалот ќе биде отворен на 14 октомври со настап на гитарското дуо „Милонга“, кое го сочинуваат Александра Кировска и Дејан Лазаревски. Нивната програма е обликувана околу експресивните и ритмичките особености на гитарската литература, со нагласено присуство на латиноамериканскиот музички идиом. Делата на Максимио Диего Пујол, Астор Пјацола и Зеќиња де Абреу, заедно со композиции од Јохан Каспар Мерц и Војислав Ивановиќ, отвораат простор за стилски контрасти, виртуозност и богата колористичка палета на двете гитари. Кировска и Лазаревски, кои во последните години остваруваат активна заедничка концертна дејност, негуваат репертоар што ги поврзува класичната гитарска традиција и современите изведувачки пристапи.
На 15 октомври ќе настапи Трио „Интерарт“, во состав Александар Стефановски и Емилија Ристевска Стефановска – флејти и Татјана Божиновска – пијано. Ансамблот, основан во 1997 година, зад себе има богата меѓународна концертна биографија и повеќе значајни признанија, меѓу кои и „Diploma d’Onore“ од меѓународниот натпревар во Париз. Програмата со дела од Гери Шокер, Александар Рубцов, Жан-Мишел Дамаз и македонскиот автор Марко Виденовиќ ги истакнува специфичните можности на овој камерен состав, во кој тембровската сродност на двете флејти се надополнува со хармонската и ритмичката улога на пијаното.
Кларинетистот Бранко Павловски и пијанистката Наташа Трбојевиќ ќе настапат на 20 октомври, со програма што ги обединува романтичарската традиција и современата литература за кларинет и пијано. На репертоарот се дела од Норберт Бургмилер, Шарл-Мари Видор, Луј Каузак, Микеле Мангани и Леонид Перминов, како и Сонатата од македонскиот композитор Благој Цанев. Програмата отвора различни аспекти на кларинетскиот израз – од лирската кантилена и суптилното фразирање до виртуозната подвижност и драматуршката разноликост на сонатната форма. Павловски и Трбојевиќ се уметници со долгогодишно концертно и педагошко искуство, чија дејност зазема значајно место во развојот на македонската камерна сцена.
На 21 октомври пијанистите Јасна Аврамовска и Дарко Мариновски ќе се претстават со програма посветена на литературата за пијано четирирачно. Овој специфичен облик на камерно музицирање, кој бара високо ниво на интерпретативна усогласеност и заедничко обликување на музичката фактура, ќе биде претставен преку дела од Јохан Себастијан Бах, Франц Шуберт, Феликс Менделсон и Едвард Григ.
На 24 октомври виолинистот Момчило Куфојанакис и пијанистката Весна Ангелова Христов ќе изведат програма во која се испреплетуваат класичната елеганција, романтичарската лирика и виртуозната виолинистичка традиција. Покрај сонатите од Моцарт и Шуберт, на репертоарот се Чаконата од Томазо Антонио Витали, прочуената соната „Ѓаволски трилер“ од Џузепе Тартини и „Интродукција и рондо капричиозо“ од Камиј Сен-Санс. Програмата вклучува и дело од македонскиот композитор Стојан Стојков, со што домашното творештво добива свое место во поширокиот историски и стилски контекст на виолинската литература. Куфојанакис и Ангелова Христов се долгогодишни камерни партнери со бројни настапи на домашните и меѓународните концертни сцени.
Посебно место во фестивалската концепција има концертот на млади наградени уметници, закажан за 25 октомври. Со оваа програмска определба, „Златна лира“ ја продолжува својата улога не само како сцена за етаблирани интерпретатори, туку и како простор за афирмација на новите генерации музичари, овозможувајќи им непосредно вклучување во професионалниот концертен живот.
На 27 октомври ќе настапат саксофонистот Лазар Соколов и пијанистката Емилија Кабранова Филипова, со програма која ги истражува изразните и колористичките можности на саксофонот во камерната музика. Делата од Анри Томази, Роже Бутри, Жил Демерсман и Еитор Вила-Лобос носат различни стилски влијанија, од француската инструментална традиција до јужноамериканската ритмичка и мелодиска чувствителност. Македонското современо творештво е застапено преку композициите „Apricity“ и „Lullaby for Marika“ од Јана Андреевска. Дуото Соколов – Кабранова Филипова се одликува со репертоарска отвореност и интерес за музичките јазици што се движат на допирните точки меѓу класичната, современата и џез-музиката.
Дваесет и првото издание на „Златна лира“ ќе биде заокружено на 28 октомври со вокален рецитал на мецосопранот Александра Коцевска и пијанистот Глигор Гелебешев. Во фокусот на завршната вечер ќе биде соло-песната како интимна форма на музичко-поетски израз, во која вокалната интерпретација и пијанистичката фактура се обединуваат во единствена драматуршка целина. Програмата опфаќа песни од Морис Равел, како и дела од македонските композитори Сотир Голабовски и Љубомир Бранѓолица. Коцевска, добитничка на наградата „Златна лира“ за врвни уметнички достигнувања во 2024 година, и Гелебешев веќе повеќе од една деценија градат препознатлива камерна соработка, со особен интерес за вокалната лирика и нејзините разновидни стилски облици.
Со своето 21. издание, „Златна лира“ продолжува да ја афирмира камерната музика како еден од најсуптилните облици на музичка комуникација, во кој индивидуалниот уметнички израз се остварува преку дијалог, заемно слушање и интерпретативно единство. Поврзувајќи ги традицијата и современоста, домашното творештво и меѓународниот репертоар, фестивалот ја потврдува својата улога во одржувањето на континуитетот и видливоста на македонската музичка изведувачка уметност.
Организатор: Сојуз на музичките уметници на Македонија (СМУМ)
Место: Музеј на револуционерната борба, Скопје
Период: 14–28 октомври 2026 година
Влезот на сите концерти од програмата е слободен.

Македонски


