
Од денеска системот „Безбеден град“ почна да функционира и на подрачјето на СВР Охрид. Со околу 40 камери ќе бидат опфатени повеќе општини и клучни сообраќајни делници во југозападниот дел од земјава.
Со видеонадзор ќе бидат опфатени општините Охрид, Струга, Кичево, Дебарца и Дебар, објави 4news.mk Камери се поставени и на патните правци кон Струга, кон Дебар и кон граничниот премин Ќафасан, како и кон туристичките населби, плажите и правецот кон Свети Наум. Видеонадзор има и на автопатската делница Охрид – Кичево.
Според информациите од прилогот, системот ќе регистрира сообраќајни прекршоци како пречекорување на брзината, непрописно паркирање и поминување на црвено светло. Од СВР Охрид очекуваат неговата примена да придонесе за намалување и на прекршоците и на бројот на сообраќајни несреќи.
Од СВР Охрид упатија и апел до граѓаните, особено до возачите, да ги почитуваат сообраќајните правила и ограничувањата на брзината. Според нив, системот не треба да се гледа само како средство за санкционирање, туку и како поддршка за поголема безбедност на патиштата.
Апелирам до возачите на патничките и други моторни возила да се придржуваат, да ги почитуваат ограничувањата на дозволената брзина и се разбира, Safe City да го сфатат како еден партнер. Во делот на зголемена сообраќајна безбедност заеднички да се грижиме за животите на нашите сопатници, за нашите животи и за животите на оние други учесници во сообраќајот“, изјави Стефан Димовски, портпарол на СВР Охрид.
Со воведувањето на системот „Безбеден град“ во охридскиот регион, институциите очекуваат дополнително унапредување на контролата во сообраќајот, особено на фреквентните делници и во туристичките зони.

Македонски


