Skip to main content

Унгарија ги отвори архивите на комунистичките тајни служби – објавени имињата на 60.000 лица

Jure Tufekcic on Unsplash

Унгарија денеска направи историски чекор во соочувањето со своето комунистичко минато. По повеќе од три децении од падот на комунистичкиот режим, на јавноста ѝ се достапни десетици илјади записи од архивите на поранешните тајни служби, со имиња и податоци за лица поврзани со безбедносниот апарат на тогашната држава.

На интернет-платформата на Историскиот архив на унгарските државни безбедносни служби е објавена база на податоци што содржи информации за околу 50.000 до 60.000 лица. Граѓаните сега можат да пребаруваат по имиња, податоци за раѓање и кодни имиња на поранешните соработници.

Објавувањето се реализира во две фази. Од денеска се достапни три вида архивски документи – персонални картони, евиденциски книги за регрутирање и електронски евиденции за мрежата на соработници. Подеталните досиеја, кои содржат информации за околностите на регрутирањето и активностите на соработниците, треба да бидат објавени до 25 февруари 2027 година.

Според проценките на историчарите, во периодот од 1956 до 1989 година унгарските тајни служби имале мрежа од околу 55.000 тајни соработници. Сепак, архивската документација е нецелосна, бидејќи значителен дел од документите бил уништен за време на востанието во 1956 година, но и во периодот на распадот на комунистичкиот систем кон крајот на осумдесеттите години.

Особено внимание привлекува фактот дека соработниците биле регрутирани од секојдневниот живот – меѓу пријатели, соседи, колеги и членови на семејствата. Некои доброволно прифаќале соработка, надевајќи се на привилегии или напредување во кариерата, додека други биле уценувани, заплашувани или принудувани преку закани кон нивните блиски.

Од архивот предупредуваат дека објавените податоци треба внимателно да се толкуваат. Самото појавување на нечие име во евиденцијата не значи дека лицето навистина станало соработник на тајните служби. Во документите се евидентирани и лица за кои постоеле обиди за регрутирање, но и лица кои биле следени од безбедносниот апарат.

Директорот на архивот, Гергели Бенедегуз Чех, посочува дека документите не се целосни и дека нивната содржина не секогаш мора да ја отсликува вистината. Според неговите проценки, во текот на четирите децении комунистичка власт можеби биле ангажирани околу 150.000 соработници, но досега се зачувани податоци за приближно една третина од нив.

Отворањето на архивите е дел од ветувањето на унгарскиот премиер Петер Маѓар за поголема транспарентност и соочување со тоталитарното минато на земјата. Прашањето за целосно отворање на досиејата со години предизвикуваше политички и општествени дебати во Унгарија, а пристапот до нив досега главно беше ограничен на истражувачи и роднини на жртвите.

Со новата база, граѓаните за првпат добиваат можност самостојно да пребаруваат значителен дел од зачуваните архивски материјали.

Поврзани вести