Деновиве се разви интересна дебата околу Синдикалната минимална потрошувачка кошница (СМК), дебата која се уште трае и го привлекува вниманието на јавноста. Се води отворена полемика за структурата и содржината на кошничката, за она што го содржи и за она што треба или не треба да го содржи, како таква. Интересно е да се нагласи моментот дека до сега не сме имале поширока јавна дебата за оправданоста на поставувањето на структурата и содржината на СМК, ниту пак за нејзината сеопфатност која во себе ги опфаќа сите категории на граѓани, или барем значителното мнозинство во државата.
Претпоставка е дека сите ќе се согласиме дека секоја јавна дебата, независно од тоа дали истата е иницирана од Претседателот на Владата (како во случајов) или пак од некоја друга инстанца, институција, невладина организација или група на граѓани, е потребна и добредојдена. Во секое слободно општество се иницираат дебати на теми кои што се од општ интерес со цел да се надминат детектираните слабости и да се вградат нови и подобри елементи во сѐ она што ги засега граѓаните и институциите на државата. Од тие причини, не гледаме потреба од реактивно однесување на било која директно засегната страна од отворениот дијалог и пошироката јавна дебата која што беше иницирана.
Претпоставка е и дека ќе се согласиме дека работите не можеме да ги земаме и доживуваме како дадени еднаш за секогаш, како непроменливи и константни, особено ако содржат дискутабилни прашања кои што го заслужуваат нашето внимание. Разбирливо е и тоа дека ќе има реакции од оние кои што се чувствуваат изместени од рамнотежа и извадени од комфорната зона, но треба да се разбере и тоа дека некој може да го постави прашањето за нивниот начин на функционирање, методологијата на обработката на податоци и отчетноста пред структурата која што ја претставуваат и од која што прибираат финансиски сретства.
Впрочем, сите се залагаме за ваков пристап во однос на сѐ она што значи јавен интерес, вклучително и за активностите на Синдикатот и методологијата на пресметката на Синдикалната минимална потрошувачка кошница која што има свое влијание врз јавниот живот.
Терминот Синдикална минимална потрошувачка кошница во пошироката јавност, барем до сега, се доживуваше како некаква статистичка категорија, креирана од таму некои компетентни експерти кои грижливо ги пресметуваат сите аспекти и минимални потреби за нормален живот и егзистенција на македонските граѓани. Отсуството на дебата, како и отсуството на прецизното дефинирање на термините кои што ја формираат композицијата наречена Синдикална минимална потрошувачка кошничка, создава впечаток дека овој „наслов“ претставува нешто кое што ги опфаќа и се однесува буквално на сите граѓани во државата.
Но, дали навистина е така и дали насловот навистина ја оправдува содржинската компонента на кошничката?
Тука го имаме терминот „синдикална“, односно синдикат како негова основа. Синдикатот по дефиниција е организација формирана од работници кои се здружуваат за да имаат влијание и глас на своето работно место. Преку синдикатот работниците имаат можност да преговараат од позиција на сила со работодавачите за платите, бенефициите, здравјето и безбедноста на работното место, обуката за работа и други прашања поврзани со работата.
Ваквата дефиниција на терминот „синдикат“ би добила целосна оправданост доколку синдикалните првенци навистина и без исклучок се борат за правата на работниците. Но, оправданоста на овој термин целосно го губи значењето доколку во јавноста провејува впечатокот дека синдикалните првенци ги користат работниците и воспоставените алатки кои што ги имаат во сопствените раце во функција на прокси политички пресметки со поинаква цел од прикажаната. Досегашната пракса на синдикалните активности во Македонија покажа дека најмал бенефит од сите инволвирани страни имаат токму работниците.
Токму затоа, оваа дебата која што се отвори во јавноста е исклучително добра и корисна за да може да се продискутираат и некои други аспекти кои остануваат маскирани или замаглени и кои постојано прават дисторзија на релацијата избирачи-избрани, гласачи-изгласани. Во таквите игри обично до сега профитираше некој трет кој што постојано се јавуваше во улога на посредник во споменатата релација. Тука не се мисли само на синдикатот и синдикалните организации, туку на сите оние „трети“ кои не подлежат на транспарентен изборен процес и отчетност пред оние кои што ги избрале. Тука се мисли на сите оние инсталати кои ги имаат контаминирано и компромитирано сите инстанци на општествениот систем и чија што точка на отчетност е лоцирана на неиндетификувана локација.
Барем точката да беше само партиска или политичка, ќе знаевме каде да го бараме решението. Културата на плурализам во политиката и механизмите за транспарентноста на изборениот процес се веќе воспоставени, а будноста на јавноста и алатките кои што и стојат на располагање во овој дел се најизразени. Но, во исто време неизоставен е впечаток е дека не постои таква култура на отчетност и транспарентност во „третите“ стејкхолдери на општественото живеење во Македонија кои ќе подлежат на контролните механизми на граѓаните.
Кои се механизмите во однос на „третите“ и на кој начин може да се воспостави граѓанска контрола и баланс врз нив е прашање кое навистина заслужува особен интерес во наредниот период?! Токму овие „третите“, независно од тоа дали се дел од општествените организации, судството, невладиниот сектор или нешто четврто, се вистинската тема за дебата во општеството која што се наметнува сама по себе. Синдикатот и неговата кошничка се одлична можност за почеток на транспарентна и отворена дискусија која ќе не одведе во подобар правец во интерес на сите.
Вториот карактеристичен термин кој што е содржан во насловот е терминот „минимална“. Тука самиот креатор на насловот јасно кажува дека се работи за оние минимум потреби на едно семејство за нормално функционирање и егзистенција во текот на месецот. Не се говори за оптимална, максимална или пак за кошничка која што во себе содржи луксуз. Фокусот треба да остане на терминот минимална при што треба тековно и паралелно да биде следена понудата и движењето на цените на производите и услугите на пазарот.
Пазарот трпи постојани промени од аспект на понудата и ценовната не/стабилност. Постојано има нови производи, но и нови навики и начин на живот кај различни категории на граѓани. Она што е прифатливо за една е сосема неприфатливо за друга категорија на граѓани. Едни, на пример, користат намирници кои се класифицираат како здрава храна, други пак сакаат да каснат нешто што содржи повеќе калории, шеќер и не се грижат за нивната обезност и покачениот холестерол. Едни јадат претежно свинско, а другите претежно говедско кое што е диктирано од религиските убедувања, а цените не се исти. Некои штедат на храна, но трошат на гардероба при што умешно ги користат сезонските попусти. Оние пак што повеќе се грижат за својата исхрана домаќински ја следат понудата на сезонски производи и соодветно ја трошат својата заработувачка. Трети пак фокусот го ставаат на патување и прошетки при што навремено вршат резервација за сместување и транспорт по значително пониски цени за истото нешто кое што би се добило ако го побараме во пет до дванаесет.
Со други зборови кажано терминот „минимална“ оди заедно со терминот „домаќински“, за да може попрецизно да се определат минимално потребните финансии за домаќинско функционирање на граѓаните. Синдикалната минимална потрошувачка кошничка треба да биде одраз на едно домаќинско фунционирање на едно семејство и како таква да добие свој приказ изразен во бројки, во конкретниов случај во македонски денари.
Затоа, не треба да има ништо спорно во гласното размислување на Премиерот и јавно поставените прашања за оправданоста на структурата и содржината на кошничката. Гледано од страна, се создава впечаток дека кошничката содржи елементи кои се во спротивност со терминот „домаќински“ и како истата да е правена од човек кој едноставно не се грижи ниту за сезонските закономерности и понудата, ниту за здравјето на граѓаните, ниту пак за креирање на амбиент за тоа дека лошите навики и пороци не можат да се сметаат за потреба која спаѓа во категоријата опфатена со терминот минимална. Цигарите како акцизна стока, која сама по себе претставува луксуз за кој се плаќаат високи давачки кон државата, како производ на чија што амбалажа стои пораката дека предизвикуваат болести, не можат да бидат дел од минималните потреби на граѓаните и синдикалната кошничка. Истото важи и за автохтоните овошја и зеленчуци кои вон сезона имаат исклучително висока цена за разлика од јужното овошје кое го има во сосема доволни количини на пазарот со разумни и далеку пониски цени од она што вообичаено го конзумираме во текот на летната сезона.
Ова е само една обична илустрација која ја компромитира веродостојноста на синдикалната кошничка и вистинската намера на нејзините креатори. Оваа илустрација треба да поттикне отворена дебата за сите општествени прашања кои се надвор од секоја логика и создаваат чувство и амбиент дека живееме во земја во која најголема добивка имаат оние кои неодговорно манипулираат преку запоседнатите позиции и свесно фрлаат прав во очите на граѓаните.