Гевгелија е Град на културата за 2025 година, соопшти министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој денеска заедно со државниот секретар, Марија Ѓоргова, ги посети институциите од областа на културата во овој град.
Министерот Љутков потсети дека Гевгелија вторпат, по 2011 година, е носител на оваа манифестација, а тоа ја потврдува посветеноста на градот повторно да биде во центарот на културните настани во Македонија.
„Ова признание не е само чест, туку и обврска. Тоа е потврда дека Гевгелија, со својата богатa културна традиција, повторно ќе биде во центарот на културните настани во Македонија. Министерството за култура и туризам стои зад вас и ја поддржува оваа манифестација со 3 милиони денари, со цел да создадеме програма со повеќе од 140 настани во текот на целата година, програма што ќе го освежи културниот живот во овој град“, рече министерот Љутков.
Љутков ја посети и Старата чаршија во Гевгелија, за чија комплетна реставрација, од буџетот на Владата се издвоени 40.675.095,00 денари, со што Гевгелија ќе добие нова визуелна и функционална димензија.
„Овие проекти ќе ја подобрат инфраструктурата и ќе создадат простор за културни настани и уметнички проекти, со што ќе се негува традицијата и ќе се поттикнат нови културни трендови“, рече Љутков.
Според министерот Љутков, Гевгелија, со својата локација и природни убавини, привлекува многубројни туристи, а сега, како што рече, со статусот Град на културата, ќе понуди нови искуства и можности за уживање.
Во рамките на посетата на Гевгелија, министерот Љутков, заедно со своите домаќини, ги посети НУ Музеј – Гевгелија и црквата „Свети Атанасиј“ во село Габрово.