Skip to main content

Судиите имаат директна одговорност и нагласена вина за колежот на улиците

И мене неконтролирано ми течат солзите за Фросина. Улиците и патиштата, кои се лошо одбележени, станаа гробишта на недолжни луѓе. Пешачките премини во Скопје, одамна не се обелени, а тоа е основната карактеристика на секој град. Не само главен. На многу патишта нема ниту средна бела линија, камоли жолта или бела на краевите. Сообраќајните знаци се лоши или никакви и, ако не го знаеш патот, лесно можеш место во Гостивар, да стигнеш во Штип. Претерано е кажано, ама само така може да се разбере ситуацијата. Тврдам дека околу четвртина од автомобилите немаат исправни светла. Возачите ги креваат, несвесни дека со тоа ја загрозуваат и својата безбедност. Во 1960-тите години, како студент, по улиците и патиштата во Словенија гледав како екипи на полицијата ги проверува светлата на автомобилите. Крајно време е тоа да се прави и кај нас.

Вториот проблем се – судиите и обвинителите! Барем ним, мора да им биде јасно дека сѐ додека има злочин, мора да има и казна. Истото правило важи и овде, ама обратно – ДОДЕКА НЕМА СООДВЕТНИ КАЗНИ – ЌЕ ИМА МРТВИ ПО УЛИЦИТЕ И НА ПАТИШТАТА. Засега, казни нема. Затоа, ние високо котираме во Европа според погинатите во сообраќајќи. Судскиот систем, пак, каков што е, значи НИКАКОВ, има и директна одговорност и вина за масовниот колеж по нашите улици и патишта. Имам и личен пример за тоа.

На 24 јули 2020 година, на зелено светло, на пешачки премин, исто така на „Партизанска“, но кај ул. „Ленинова“, малолетниот внук Лука, заедно со својот другар Марко, беа покосени и фрлени повредени на земја, од хулиган со име Малиќ Хасановиќ. Тој возел автомобил којшто не смеел да го вози, и со преголема брзина минувал на црвено светло. Фалеа секунди за да убие две малолетни деца. Избегал по несреќата и ги оставил децата да лежат на асфалтот без свест!

Следуваше долга обвинително – судска претстава, којашто заврши театрално – речиси убиецот беше ослободен од одговорност! Прво полицијата доцнеше со записникот. Сигурно го кроеја. Дури по речиси две години, на 17/05/2022, обвинителството поднесе обвинителен акт, а на судот му требеше уште една година, на 08/05/2023, да донесе пресуда. Јасно ни беше дека ништо од тоа не беше случајно.

Не можете никого да обвините за корупција, уште помалку за влијание или притисок, додека немате цврсти докази. До такви, пак, тешко стигнуваат и истражните органи. Во конкретниов случај, меѓутоа, крајно индикативно е дека, на почетокот, судењето максимално се одложуваше. Првата судијка, на лице нам познато, му рекла дека има страшни притисоци и дека се плаши дека може да ја загуби работата. Значи, била уценета! Таа се повлече, а причините се неспорни. На првиот претрес, обвинителката – задоцни, и ништо не кажа против осудениот, камоли да побара казна. Кога се изрекуваше пресудата, таа не дојде.

Сепак, судијата Даниела Димовска, претседател на советот на Основниот кривичен суд Скопје, имаше доблест и пресуди казна затвор од вкупно 13 месеци. Тоа не беше голема казна за некој што направил три тешки кривични дела, и за секунди ќе убиеше две малолетни деца, ама беше казна.

Во нормална држава, каде што владеат закони а не корупција и моќници, при жалба, повисокиот суд најмалку ќе ја потврдеше пресудата, или ќе ја зголемеше. Тоа е улогата на повисоките судови – најжестоко да го осудуваат криминалното однесување. Но, така не е и во жална Македонија.

Без никаков разбирлив, камоли прифатлив аргумент, скопска Апелација му ја укина пресудата од 13 месеци затвор и му одреди условна на речиси убиецот! Ако тоа не е ослободителна пресуда – не знам што може да биде. Повеќе да го наградат, навистина не можеа. Случајот е сличен како и со сегашниот убиец на Фросина.

Таква „мудрост“ испилија судиите Татјана Дуковска, претседател на советот, Ѓоко Ристов и Тања Милева, членови на советот. Тие игнорираа три тешки кривични дела – а) тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот; б) не укажување на помош на лице повредено во сообраќајна незгода, и в) возење помоќен автомобил отколку што смеел.

Кога ја читаш пресудата на Апелација, можеш само да се крстиш, и ако не си верник. Таа нема никаква врска со ослободителната пресуда што ја донеле! Воопшто не ја довеле во прашање, камоли оспориле пресудата на Основниот кривичен суд Скопје. Напротив, сметале дека – Кривичниот суд не направил никаква повреда на Законот; обжалената пресуда е јасна, разбирлива и подобна во целост; првостепениот суд правилно оценил дека се исполнети условите од член 381 од ЗКП, за да донесе пресуда врз основа на признание на вина…; првостепениот суд правилно го применил Кривичниот закон…

Значи, прецизно и јасно, Апелација оценила дека Основниот кривичен суд беспрекорно ја завршил својата работа! Чуму, зошто и од каде, тогаш – преиначување на пресудата? Тие сигурно добро го знаат тоа ама, најверојатно – и некој трет.

Еве ги нивните фантазмагории, наречени „ОБРАЗЛОЖЕНИЕ“, врз основа на кои, без никакви факти, ама веројатно од „уметнички впечаток“, ја ПРЕИНАЧИЈА пресудата – првостепениот суд доволно не ги ценел олеснувачките околности и ги преценил отежнувачките околности!? Имено, тој бил млад човек, спортист, студент, ги сфатил своите пропусти (кој ли им го кажал тоа, или му верувале нему?)… Врвот на будалштината е дека првостепениот суд – „НЕДОВОЛНО ЈА ЦЕНЕЛ ОКОЛНОСТА ДЕКА ОБВИНЕТИОТ Е НАГРАДУВАН ЗА ПРОСЕКОТ НА ПОСТИГНАТИТЕ ОЦЕНКИ ВО ЕСЕНСКИОТ И ПРОЛЕТНИОТ СЕМЕСТАР ОД ДЕКАНАТОТ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ“!?

Господе, Боже! Ова е за неверување од луѓе кои сигурно не се глупи! Прво, и клучно, зошто е тоа воопшто релевантно? Каква вредност има тоа за речиси убиец, кој побегнал од местото на злочинот? Кој го тврдел тоа? Второ, зошто не зеле предвид дали човекот можеби имал и убава фризура? Или, дека можеби бил убав? Па тоа се од Господ дадени карактеристики и судот не смеел да ги занемарува!? Во, во прашање е Апелација, висок суд со исто такви овластувања, а не пеачко друштво!

Впрочем, со такви квалитети или, за судот, олеснувачки околности за речиси убиецот на деца, немало никаква основа ниту за условна казна. Врз основа на истите, дивеењето по скопските улици и загрозувањето на безбедноста на деца кои поминуваат на пешачки премин и на зелено светло – е нешто сосема маргинално и неважно. Тоа, пак, што криминалецот избегал од местото на злосторството, со две малолетни деца фрлени на асфалт и без свест – е негована најпозитивна страна! Покажал дека се снаоѓа во секакви ситуации, што не може да го стори баш секој! Тоа заслужува признание а не казна. Во образложението на Апелација има и други глупости, ама и овие се доволни. Ако е и од неа, дури и од спомнатите судии, сепак е – многу!

Според добиените објаснувања, ако одржува „ЈАВНА СЕДНИЦА“, Апелација не е должна да ја повикува оштетената страна а го повикува обвинетиот, ако тоа го барал во жалбата! Законот сериозно ја утнал работата! Всушност, каква е таа ЈАВНА СЕДНИЦА, ако го нема оштетениот? За кого е ЈАВНА? За судиите да се договорат со адвокатите и обвинетите што да „пресудат“?

Индикативен е и фактот што Вишото јавно обвинителство не присуствувало на „јавната седница“. Пратиле писмен извештај дека се согласуваат со жалбата и дека пресудата е престрога!? Уште фалело и тие да се жалат да се поништи казната! Така, сѐ би било уште појасно. Не е јасно дали за обвинителите и условната казна за ваков криминален злочин – можеби е престрога? Треба ли поголем доказ дека работата воопшто не изгледа чиста? Затоа (ќе) имаме многу Фросини.

Уште од Основниот кривичен суд Скопје, се виде дека обвинителите беа многу „заинтересирани“ за случајот. Ем не доаѓаа, ем молчеа на судењата, ем однапред се согласни со анулирање на казната. Не ви личи ли ова на некаква режија?

И овој случај, и овие судии, како и сите нивни колеги коишто суделе на сличен начин, вклучувајќи ги и обвинителите со нивното неприфатливо однесување, имаат барем индиректна вина и за смртта на Фросина. И не само за неа. Во никој случај не може да се исклучи дека таквото нивно однесување е резултат и на влијанија, и на рушвети, коишто се длабоко вкоренети во нашето судство. Затоа и рејтингот е 2 проценти.

Поврзани вести