Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, при пристигнувањето на работниот ручек со лидерите на ЕУ во рамки на денешниот неформален Самит на Унијата што се одржува во Брисел, изјави дека земјите-членки на Алијансата мора да ги зголемат трошоците за одбраната и одбранбеното производство.
Руте додаде дека за нивото на зголемување ќе се решава подоцна и врз основа на анализите што ќе бидат направени ќе биде поставена нова цел за издвојувања за одбранбените потреби.
Можам да ве уверам дека таа (цел) ќе биде значително повисока од два проценти (од БДП)“, изјави Руте, додавајќи дека европските земји мора да вложат повеќе напори за споделување на товарат на трошоците за одбраната со САД.
Во моментов НАТО има поставено за цел сите земји членки за трошоци за одбраната да издвојуваат средства во висина од најмалку два отсто од својот БДП, но во последниве месеци зачестија повиците за зголемување на нивото на овие издвојувања.
Според Руте, ЕУ мора да ја зајакне својата одбрана во блиска соработка со Норвешка, САД и Велика Британија во рамките на НАТО и да донесе одлука за одбранбените трошоци врз основа на сопствените цели.
На прашање што ќе биде преземено за заштита на Данска од „насилно менување на границите“ доколку американскиот претседател Доналд Трамп се обиде да ги оствари своите планови за преземање на Гренланд, Руте избегна да даде конкретен одговор, истакнувајќи дека првиот човек на САД е во право кога говори за потребата од зајакнување на безбедноста во реонот на Арктикот.
Според Руте, кога станува за зајакнување на колективната безбедност на арктичкиот Далечен Север, не станува збор само за Гренланд, туку тука влегуваат и Исланд, Норвешка, Шведска, Финска, Канада и самите САД.
Ќе работиме заедно во рамките на НАТО, заеднички да го направиме она што е неопходно за (безбедноста на) Далечниот Север“, рече Руте.