Skip to main content

Истакнувале знамиња на Голема Албанија во Скопје – полицијата ќе поднесе пријави против тројца

Тројца граѓани ќе се соочат со пријави откако полицијата во Скопје регистрирала истакнување знамиња на таканаречена Голема Албанија, со натпис „Autochtonous“, за време на одбележувањето на Денот на албанското знаме, на 28 ноември.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, првиот случај бил регистриран околу 15:10 часот на улицата „Ѓорче Петров“, каде полициски службеници запреле автомобил „голф“ со тетовски регистарски ознаки, управуван од 40-годишниот Џ.Т. од Скопје. На возилото биле истакнати две знамиња на Голема Албанија со натпис „Autochtonous“.

Петнаесетина минути подоцна, на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, полицајците забележале 21-годишен Ј.А. од селото Драчевица, скопско, кој во раката носел знаме со истите обележја.

Третиот случај бил регистриран во 21:45 часот, на крстосницата меѓу улиците „Ѓорче Петров“ и „Кузман Шапкарев“. Таму полицијата запрела автомобил „цитроен“ со скопски регистарски ознаки, управуван од 21-годишниот Р.И. од селото Сарај, на кој исто така било истакнато знаме на Голема Албанија со натпис „Autochtonous“.

Од МВР информираат дека по документирање на случаите против тројцата ќе бидат поднесени соодветни пријави.