
Новиот филм на Милчо Манчевски „Сестра, брат и шахта“ денеска ќе ја има македонската премиера во Скопје. Филмот, добитник на Гран при во Токио и второ остварување во историјата на македонската кинематографија, по „Пред дождот“, што победило на фестивал од А категорија, првпат ќе биде прикажан пред македонската публика.
Гала-премиерата и црвениот килим се најавени во големата сала на Македонската филхармонија, како што беше случај и со последните три премиери на Манчевски.
Македонски филм пред македонска публика. Да ја испочитуваме со мерак – изјавил режисерот Манчевски.
Пред публиката ќе се поклонат актерите и членовите на филмската екипа, меѓу кои и шест гости од Англија, Италија, Бугарија, Србија и Албанија. Присуството го потврдиле 24 странски амбасадори во Македонија, претставници на државниот врв, како и бројни видни граѓани.
За потребите на премиерата специјално и привремено е увезена опрема за кино-прикажување, соодветна на големата сала на Филхармонијата. Целиот настан е организиран и финансиран со приватни средства.
По главната награда во Токио, „Сестра, брат и шахта“ оствари успех и на фестивалите во Каиро и во Белград.
Бројни меѓународни критики и рецензии го опишуваат филмот како „потресен“, „самоуверен“, „остра социјална опсервација“, „ексцентричен“, „прекрасно изработен“, „игрив“, „непредвидлив, со љубов изработен, чиста радост“, „потресна и пресмешна ода за двајца аутсајдери“, „духовит и искрен“, „вознемирува и опчинува“, со „врвна глума“.
„Сестра, брат и шахта“ е комедија за богати и сиромашни, лута сатира, но и суптилна психолошка студија за брат и сестра кои живеат надвор од тековите на општеството. Филм за антихерои кој, во неповторливиот стил на Милчо Манчевски, си поигрува со жанровските класификации, мамејќи и солзи и смеа. Иако дејството се случува во денешна Македонија, филмот содржи универзално размислување за тоа како луѓето живеат и се поврзуваат во современиот свет.
Ова е деветти долгометражен филм на Манчевски, а осми игран филм, снимен во истата година со документарецот „Добри луѓе“.
Покрај Агенцијата за филм, филмот го помогнале и националните филмски фондови и приватни инвеститори од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и Англија.
Македонски компании и културни институции кои го поддржаа проектот, покрај Министерството за култура и туризам, се: Дајнерс клуб, Тиквеш, Витаминка и Окта, како и Пелистерка, Специјал, Такси Глобал, Еурофарм, Македонија турист, Саманта, Мај принт, Македонска филхармонија, Македонскиот народен театар, Фонолукс, Хотел Арка и Види Вака.
Главните улоги ги играат Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева и Стефан Николовски, како и Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Симона Спировска, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Александар Степанулески и Марин Гавриловски.
Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукцијата, а директор на фотографија е Стефано Фаливене од Италија. Монтажер на филмот е Благоја Неделковски, а автор на музиката е Игор Василев Новоградска. Кастинг-директорка е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, а шминката на Бистра Кечиџиева од Бугарија. Продуцент на филмот е Јане Ќортошев.
Филмот е снимен со меѓународна екипа на локации низ и околу Скопје. Копродуценти се „Гала филм“ од Бугарија, „Сенс продакшн“ од Србија, „Амаркорд продакшн“ и „Аугустус колор“ од Италија, „Беркли медиа груп“ од Англија и „Тирана филм институт“ од Албанија.

Македонски



