Skip to main content

ЛДП денеска избира нов претседател на партијата

Либерално-демократската партија денеска ќе го одржи Деветтото либерално-демократско собрание под мотото „Напред, либералдемократи!“, на кое делегатите ќе избираат нов претседател на партијата.

На свеченото отворање ќе се обрати актуелната претседателка на ЛДП, Моника Зајкова, која ќе се осврне на досегашната работа на партијата и на иницијативите за заштита од семејно насилство и поголема отчетност на носителите на јавни функции.

Со видеопораки ќе се вклучат тројца европратеници: Свења Хан, претседателка на АЛДЕ, Малик Азмани од Нидерландија и Ирена Јовева од Словенија.

На Собранието ќе присуствуваат 13 меѓународни гости, меѓу кои пратеници, партиски лидери и претставници на европски политички организации. Меѓу нив се Дејвид Чалмерс од британските Либерални демократи, Кинче Силаш, претседателка на унгарската партија Моментум, Маријана Пуљак, пратеничка во Хрватскиот сабор и претседателка на партијата Центар, Јоана Павел од АЛДЕ и Балинт Ѓеваи од Европскиот либерален форум.

Од Црна Гора ќе присуствуваат Есад Шаиновиќ, генерален секретар на Либералната партија, Амар Боранчиќ, заменик-градоначалник на Бар и потпретседател на партијата, и Миодраг Влаховиќ, поранешен министер за надворешни работи.

Од Србија ќе присуствуваат Арис Мовсесијан од Движењето на слободни граѓани и Андреа Беседеш Наѓ, пратеничка во српскиот парламент.

Од Косово ќе присуствуваат Елиза Хоџа, пратеничка и меѓународна секретарка на Демократската партија на Косово, Бернард Никај, генерален секретар на ЛИБСЕЕН и поранешен министер во Владата на Косово, и Бесиана Мусмурати, заменик-градоначалничка на Приштина.

Поврзани вести