Skip to main content

Македонскиот народен театар прославува 80. јубилеен роденден: Следуваат нови претстави, повеќе гостувања низ другите градови во земјата, гостувања на други театри и културни институции во МНТ…

Како и сите приказни, така и МНТ има своја – приказна која се испишува, се раскажува и трае веќе 80 години. Тоа е приказна која започна да се ткае веднаш по ослободувањето во ноември 1944 година од страна на група истакнати театарски дејци, да се прикажува во декември истата година преку пет едночинки и да се испишува со почетокот на 1945 година: на 3 јануари со вработувањето на 60-те актери и технички, административен и сценски персонал и на 3 април со кревањето на завесата – премиерата на претставата „Платон Кречет“ од Александар Корнејчук, во режија на Димитар Ќостаров, а во превод на Блаже Конески.

Тоа е приказна која нашите театарски предци со голема љубов, труд и возбуда сите овие години неуморно ја твореа и ја создаваа во националниот театар, а ние, денешните генерации, ја пренесуваме и ја доградуваме за да ја сочуваме вредноста и достоинството во негувањето на културната и националната историја.

Македонскиот народен театар денеска работи со веќе постоечкиот уметнички ансамбл, со тенденција за збогатување на нова и млада актерска сила. МНТ ја продолжува приказната и традицијата со креирањето на секој нов процес – проект, како и ширење на меѓународна и културна соработка. Следејќи ја националната стратегија за развој на Министерството за култура и туризам, Македонскиот народен театар ја има неговата голема поддршка како и поддршката од целата јавност. Поради тоа, театарот својата благодарност ја искажува со целата креативност, историја, стручност и можности и неговиот исклучителен сјај ќе го продолжи со низа настани во текот на целата година: новите претстави кои следат оваа година, гостувањата на МНТ надвор од својата матична сцена, поинтензивни гостувања низ другите градови во земјата, гостувањата на други театри и културни институции во МНТ, настапи и настани.

Поврзани вести