Skip to main content

Групната изложба „И сега?“ на 19 дипломирани студенти од ФЛУ во КИЦ- Скопје

Групната изложба „И сега?“, на која ќе бидат претставени дела на 19 дипломирани студенти од Факултетот за ликовни уметности – Скопје, ќе биде отворена вечерва во 20 часот, во Изложбениот салон „Империјал 2“ при Културно-информативниот центар во Скопје. Преку изложбата, младите уметници го поставуваат прашањето што следува по завршувањето на студиите и стекнувањето на дипломата и уметничката титула. Иако дипломирањето треба да го означи почетокот на професионалниот пат, за многумина тоа е проследено со неизвесност, тешкотии при наоѓањето работа во својата област и долг период на професионална транзиција.

„Зошто секој од нас е незадоволен, зошто не можеме да си најдеме работа по наша област, зошто секој со кого разговараме се наоѓа во неизвесност, во бунило и транзиционен период кој трае подолго од очекуваното. Па, нели сите сме дипломирани уметници… и сега?“, велат авторите во најавата за изложбата.

На изложбата ќе учествуваат: Евгенија Трајковска, Михаил Паскоски, Марија Ќурчиева, Сара Митковска, Леон Тенев, Дорина Тенева, Ана Томовска, Андреа Јовановиќ, Јована Тодоровска, Ања Стојадиновска, Ванеса Ода, Сергеј Калеников, Нина Богуновиќ-Петреска, Камелија Каламерникова, Илина Василеска, Ангела Бошевска, Андреј Антевски, Никола Тренов и Ема Теовска.

Изложбата ќе биде поставена до 2 декември.

Поврзани вести