Skip to main content

Камерниот оркестар „Профундис“ од Скопје и „Камерата“ од Нови Сад се обединуваат на сцената на Филхармонија

Камерниот оркестар „Профундис“ од Скопје и оркестарот „Камерата“ од Нови Сад ќе настапат како еден голем музички состав, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ.

Концертната програма обединува четири дела од различни музички епохи и стилови. Публиката ќе има можност да ја доживее возвишената и полифонична звучност на „Фантазија на тема од Томас Талис“ од Ралф Вон Вилијамс, ритмичката динамика и современиот израз на „Последен круг“ од Освалдо Голијов, „Свита за гудачки оркестар“ од македонскиот композитор Стојан Стојков, како и темпераментната и виртуозна „Свита Кармен“ од Жорж Бизе, во оркестарска обработка на Родион Шчедрин. Разновидноста на делата отвора простор за различни звучни карактери и интерпретации, обединети во една концертна целина.
„За мене, посебната вредност на овој концерт е во тоа што на сцената нема да имаме два оркестри кои само настапуваат еден покрај друг, туку два ансамбли кои преку заедничката работа создаваат една музичка целина. Профундис постојано ја гради својата препознатливост преку внимателно избран репертоар, посветеност на изведбата и желба да ги поместува сопствените уметнички граници. Соработката со Камерата ни овозможува да го прошириме тој музички простор, да ја почувствуваме силата на поголемиот ансамбл и да создадеме изведба во која оркестарот е вистинскиот главен актер. Верувам дека публиката ќе ја препознае енергијата, посветеноста и музичката комуникација што стојат зад овој проект“, истакнува Дашиќ.

Камерниот оркестар „Профундис“ е формиран во 2019 година под раководство на диригентката Ѓурѓица Дашиќ. Од своето основање, ансамблот се позиционира како еден од најактивните камерни состави во Македонија, обединувајќи истакнати македонски инструменталисти од различни генерации и создавајќи препознатлив уметнички израз.

„Камерата Нови Сад“ е професионален камерен оркестар со традиција што започнува во 1988 година. Основан како „Камерата Академика“ при Академијата на уметностите во Нови Сад, ансамблот низ годините се развива во еден од препознатливите музички состави на српската концертна сцена.

Неговиот репертоар опфаќа дела од барокот и класицизмот до современата музика, со посебен акцент на уметничката соработка и иновативните концертни проекти. Оркестарот настапува на значајни фестивали во регионот и пошироко, меѓу кои „Охридско лето“, БЕМУС и „KotorArt“.

Во 2022 година, во рамките на проектот „Нови Сад – Европска престолнина на културата“, ансамблот го добива статусот на официјален градски камерен оркестар под името „Камерата Нови Сад“. Во 2025 година е прогласен за Оркестар на годината во изборот на списанието „Музика Класика“.

Поврзани вести