Skip to main content

АНБ разоткрила иранска прокси мрежа од Македонија која подготвувала атентат во Грција

Агенцијата за национална безбедност (АНБ), во соработка со грчката национална разузнавачка агенција и други партнерски служби, разоткрила прокси мрежа во Македонија поврзана со ирански разузнавачки структури, чии членови подготвувале терен за извршување терористички акт, односно атентат врз лице во Грција.

Како што информираат од АНБ, активностите биле започнати на почетокот на 2026 година, а во нив биле вклучени и оперативни структури на Министерството за внатрешни работи – Бирото за јавна безбедност.

Според Агенцијата, македонската мрежа ја сочинувале лица етаблирани во криминални структури во земјава, кои по директни насоки преземале подготвителни логистички активности за реализација на планираниот напад во Грција.

Истрагата била насочена кон разоткривање на мрежата поврзана со иранскиот државјанин Едрис Џахангири Маванех (Edris Jahangiri Mavaneh), кого АНБ го идентификувала како лице поврзано со други прокси-актери на иранските безбедносно-разузнавачки служби, меѓу кои и со наркобосот Наџи Шариф Зиндашти (Naji Sharifi Zindashti).

Од АНБ посочуваат дека преку оперативно-технички и аналитички активности, како и размена на информации со странските партнерски служби, бил разоткриен начинот на функционирање на мрежата. Нејзините членови одржувале конспиративни средби на територија на трети земји, вклучително и во Иран, при што биле потврдени нивните врски со лицето кое, според Агенцијата, било главен носител на планираната терористичка акција.

Според безбедносните информации, станува збор за лице со широка мрежа на прокси-актери и контакти со лица од висок интерес за безбедносните служби, кое соработувало со иранските безбедносно-разузнавачки структури.

Од Агенцијата оценуваат дека овој случај се вклопува во поширокиот контекст на обидите на иранските разузнавачки служби да користат криминални мрежи во трети земји за прикривање на своите активности. Во соопштението се наведува дека во изминатиот период повеќе земји се соочиле со терористички закани и напади поврзани со ирански прокси-актери.

АНБ најавува дека и во наредниот период ќе продолжи со активности за детектирање и спречување на евентуални терористички закани, како и за идентификување на други лица поврзани со ирански прокси-мрежи, со цел заштита на националната безбедност.

Поврзани вести