
Во рамките на 33. издание на Fashion Weekend Skopje, на 31 октомври во Музејот на современата уметност – Скопје, се одржа јавниот разговор „MISSION4WATER. Невидливи нишки – како микропластиката влијае врз нашите води и како дизајнот може да понуди решенија“, посветен на влијанието на текстилната индустрија врз водните екосистеми.

Преку презентацијата на Јасна Димовска од Текстилното Трговско Здружение – Текстилен кластер беа разгледани изворите на микропластично загадување и можностите за негово намалување преку поодговорен дизајн, избор на материјали и одржливи производствени практики.

Посебен акцент беше ставен на синтетичките микровлакна што се ослободуваат при производството, носењето и перењето на облеката, како и на улогата на дизајнерите во создавањето поквалитетни, потрајни и поправливи модни производи. Разговорот ја претстави и иницијативата MISSION4WATER, финансирана преку програмата Interreg IPA ADRION, која работи на развој на иновативни решенија за заштита на водните ресурси, со учество на Текстилното Трговско Здружение – Текстилен кластер како проектен партнер.

Во рамките на настанот беше презентиран и третиот јавен повик на MISSION4WATER (MISSION4WATER Open Call), наменет за мали и средни претпријатија, истражувачки организации и други релевантни чинители со иновативни идеи за справување со загадувањето на водите. Повикот овозможува вклучување во европскиот ко-иновациски екосистем, а заинтересираните кои сè уште не се подготвени за целосна апликација можат да достават Пријава за интерес да добијат поддршка во развојот на својата идеја и пронаоѓањето партнери.

Како дел од придружната програма беше претставен и модниот перформанс „From Waste to Art: The New Aesthetics of the Future“, реализиран од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, под раководство на проф. д-р Сања Ристески, во рамките на иницијативата SCI-WASTE: FUTURE-FORM – Decoding Waste. Coding Future. Перформансот беше посветен на креативната трансформација и повторната употреба на текстилниот отпад.
Јавниот разговор и придружните активности ја истакнаа важноста на соработката меѓу науката, индустријата и креативниот сектор, како и улогата на иновациите и одговорниот дизајн во намалувањето на загадувањето и заштитата на водните ресурси и животната средина.

Македонски



