
Претседателот на Основниот суд во Охрид, судијата Бојан Мартиноски, изјави дека немал влијание врз одлуката осомничениот за нападот врз 26-годишната Сара Ѓорѓиевска да не добие притвор, туку мерки на претпазливост.
Во изјава за „Вечер“, Мартиноски објаснува дека Основното јавно обвинителство во Охрид побарало мерки на претпазливост, а не притвор, поради што судијата на претходна постапка одлучил во рамките на доставеното барање.
Според одлуката на судот, на 31-годишниот Кристијан Корабоски му е забрането да ѝ се приближува на Сара на помалку од 50 метри, одземен му е пасошот и му е забрането да извади нов, а има и обврска секој втор понеделник да се јавува во судот.
Мартиноски нагласува дека судот не можел да изрече построга мерка од онаа што ја побарало обвинителството.
Може од потешко барање да се изрече полесна мерка, но обратно никако. Значи, ние не можевме да одредиме притвор, изјавил Мартиноски за „Вечер“.
Тој појаснува дека одлуката опфаќа три мерки на претпазливост: одземање на пасошот, забрана за приближување до девојката на помалку од 50 метри и обврска осомничениот секој втор понеделник да се јавува во судот. Во однос на спроведувањето на забраната за приближување, судијата вели дека решението е доставено до СВР Охрид и дека полицијата е надлежна да следи дали осомничениот ги почитува мерките. Доколку тој ја прекрши забраната, обвинителството може да побара построга мерка. Мартиноски категорично ги отфрла и тврдењата дека некој се обидел да влијае врз судската одлука.
Никако, на никаков начин. Редовна постапка како и секоја. Секако, и да имаше обид, немаше да има одраз врз постапката, изјавил тој.
Извор: Вечер.прес

Македонски



