
Не ми зборувајте повторно за „системот“. Кажете кој ја примил пријавата, кој ги оценил доказите, кој предложил и кој одлучил. Име, презиме и одговорност, побара пратеничката Славјанка Петровска, реагирајќи на веста дека напаѓачт на младата охриѓанка е пуштен од страна на судот со мерки за претпазливост.
Сара е во болница. Осомничениот за нападот е на слобода. А институциите нека ни објаснат како таа вечерва да спие мирно!
Бесна сум. Затоа што повторно едно семејство мора јавно да моли за заштита, додека нивната ќерка се опоравува од брутално насилство.
СВР Охрид, поднесовте пријава за тешка телесна повреда. Дали ги проверивте наводите на семејството дека осомничениот мислел дека Сара е мртва и барал начин да се ослободи од нејзиното тело? Што презедовте за да утврдите дали постојат основи за обид за убиство?
Нејзиното преживување не смее да стане изговор за потценување на нападот!
Обвинителството нека одговори: побаравте ли притвор? Ако не, зошто? Ако побаравте, судот нека објасни зошто определил други мерки. Кој ја проценил опасноста и кој ја проверува заштитата на Сара?
И уште нешто: наводите на семејството за влијанија мора веднаш да се испитаат. Дали осомничениот добива повластен третман како син на „локални шерифи“? Дали некој се јавувал да посредува, да ублажува, да „среди“?
Тошковски, наложете итна проверка на СВР Охрид и објавете ги резултатите. Проверете ја пријавата, прибраните докази и секој навод за притисок. Ако некој ја злоупотребил функцијата за да заштити осомничен, мора да одговара. Без оглед чие дете е и кој стои зад него.
На Сара ѝ посакувам сила и закрепнување. Но таа не е должна, покрај повредите, да го носи и товарот сама да се штити. Тоа е обврска на државата.
Рамајана, Росица, Ивана, малата Катја, Ајнет, Билјана, Танкица… Доста ги изговараме овие имиња, а потоа гледаме како одговорноста исчезнува меѓу институциите.
Не ми зборувајте повторно за „системот“. Кажете кој ја примил пријавата, кој ги оценил доказите, кој предложил и кој одлучил.
Име, презиме и одговорност. Додека Сара е жива и може да биде заштитена!

Македонски



