Skip to main content

Отворена изложбата на фотографии од ликовната колонија „Марко Цепенков“ – Дрен 2026“

Синоќа во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“  – Прилеп, беше отворена изложбата на фотографии од ликовната колонија „Марко Цепенков“ – Дрен 2026“ на која се презентирани 20 фотографии, кои го документираат создавањето на монументалните уметнички дела. Според Марија Попова Јованоска, директор на ЦК „Марко Цепенков“ од првичните подготовки, преку обработката и обликувањето на материјалите, па сè до завршните фази, фотографиите овозможуваат да се види она што најчесто останува зад сцената на уметничкото дело – трудот, истрајноста, концентрацијата и посветеноста на творецот.

– Изложбата ја слави уметноста, творештвото и културниот дух на нашиот град. Ликовната колонија „Марко Цепенков ДРЕН“ има посебно значење за Прилеп. Оваа година, во рамките на колонијата, седум уметници се впуштија во еден посебен творечки процес, од кој произлегоа седум скулптури – шест изработени од метал и една од мермер. Зад секоја од нив стојат многу часови работа, физички напор, уметничка визија и посветеност. Материјалите кои на прв поглед изгледаат студено и безживотно, преку рацете и идеите на уметниците добија форма, карактер и ново значење. Сакам да истакнам дека овие седум скулптури нема да останат само дел од едно издание на Ликовната колонија. Тие ќе бидат поставени на соодветни јавни локации низ Прилеп, со што ќе станат дел од градскиот простор и достапни за сите граѓани. Уметноста на тој начин ќе излезе од галериите и изложбените сали и ќе стане дел од секојдневието на прилепчани. Тоа е една од најубавите придобивки од ваквите проекти – кога создаденото дело продолжува да живее со градот и неговите жители.Особено ми е важно нашата институција да продолжи да биде место каде што се создаваат, поддржуваат и презентираат уметнички вредности. Нашата задача не е само да организираме културни настани, туку и да отвораме можности за уметниците, да го поттикнуваме творештвото и да придонесуваме културата да биде достапна и присутна во животот на граѓаните. Овој проект не би можел да се реализира без поддршката и соработката на повеќе институции и партнери. Затоа, упатувам искрена благодарност до Министерството за култура и туризам за финансиската поддршка на колонијата и изложбата, до Општина Прилеп за финансиската поддршка на колонијата, како и до Тутунскиот комбинат за отстапениот простор и обезбедените ресурси. Најголема благодарност, секако, им должиме на уметниците – Марјан Стојаноски, Славчо Павлески, Емил Солески, Слободан Милошески, Никола Пијанманов, Дамјан Ѓуров и Озбек Ајваз, за нивната работа, професионалност и за уметничките дела што ги оставаат како вреден придонес за нашиот град – рече директорката Марија Попова Јованоска, на отворањето на изложбата, која дава придонес кон културниот живот на Прилеп и потврда дека нашиот град има потреба од уметност, од нови идеи и од дела што ќе го прават побогат и попрепознатлив.

Поврзани вести