Skip to main content

Вајц ја повика Кос да посредува за надминување на спорот меѓу Македонија и Бугарија

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, ја повика еврокомесарката за проширување Марта Кос да вложи дипломатски напори за надминување на спорот меѓу Македонија и Бугарија.

Обраќајќи се пред Комитетот за надворешни работи (AFET) на Европскиот парламент, каде што беше претставен Пакетот за проширување, Вајц ги посочи Хрватска и Црна Гора како позитивен пример за справување со билатералните прашања.

Сакам во позитивна смисла да истакнам како Хрватска и Црна Гора се справуваат со билатералните прашања. Сакам да им се заблагодарам на премиерот Пленковиќ и на премиерот Спајиќ што разговараат меѓусебно, што седнаа на иста маса и што наоѓаат решенија. Билатералните прашања во никој случај не смеат да го попречуваат напредокот во процесот на пристапување – токму така треба да се постапува – нагласи Вајц.

Тој оцени дека овој пример може да послужи и за други земји, меѓу кои и Македонија, каде што билатералните прашања бараат дијалог.

Вајц посочи дека дел од прашањата веќе се на европско ниво и се однесуваат на вклучувањето на малцинствата, поради што треба да се реализираат уставните измени. Сепак, според него, единствениот начин за излез од ќор-сокакот е директен дијалог меѓу двете влади.

Единствениот начин да се излезе од тој ќор-сокак е страните да разговараат меѓусебно, односно владите на Бугарија и на Македонија да седнат и да разговараат. Бидејќи знаеме дека мотивацијата не е секогаш на највисоко ниво, Ве молам, комесарке, да вложите напори во оваа дипломатска насока – ѝ порача Вајц на Кос.

Претходно, Кос го претстави Пакетот за проширување за 2026 година, кој ги содржи извештаите на Европската комисија за десет земји-кандидатки за членство во ЕУ. Таа порача дека секоја земја-кандидатка може да се приклучи на групата држави што брзо напредуваат, нагласувајќи дека Унијата ги охрабрува сите кандидати да го направат тој избор.

Во однос на Македонија, Кос оцени дека Владата покажува посветеност на реформите и на спроведувањето на Реформската агенда.

Европската комисија ќе продолжи да ја поддржува земјата на нејзиниот пат кон ЕУ. Нашата цел останува да го отвориме првиот кластер штом ќе се исполнат условите. Земјата треба да ја исполни својата обврска за завршување на уставните измени, како што е наведено во заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година. Сега зависи од Македонија – рече Кос

Поврзани вести