
Во понеделникот, на Комисијата за финансирање и буџет, едногласно беше изгласана одлука за одржување надзорна расправа по повод случувањата со Алта банка. Таа одлука беше изгласана консензуално, едногласно, со тоа што ние побаравме надзорната расправа да биде одржана што е можно побрзо. Денеска беа свикани пратеничките групи на координација. Ние побаравме надзорната расправа да биде одржана утре. Видовме дека од страна на СДСМ има одредено колебање дали тоа да биде така или не, се вели во соопштението на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ од изјавата за медиуми на пратеникот Бојан Стојаноски.
За таа цел, ние предложивме да ги скратиме сите можни процедури коишто се дадени во Деловникот, за да можеме и гостите да ги поканиме во текот на денешниот работен ден, а и на сите отворени прашања поврзани со оваа тема да дадеме одредени одговори.
Не ни беше одговорено до овој момент на нашето барање. Затоа ние, согласно можностите коишто ни ги дава Деловникот, до претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Сања Лукаревска, согласно член 126 став 2 од Деловникот на Собранието, собравме една третина од потписите од членовите и замениците-членови на Комисијата за финансирање и буџет.
Бараме од неа да ја закаже надзорната расправа утре, во 11 часот, бидејќи сметаме дека оваа важна тема заслужува одговори сега и веднаш.
Не е поентата оваа тема да се политизира или да се држи статус кво.
Така што, ако се искрени и реални во намерата, со оглед на тоа дека имаа простор од понеделникот до денеска да ги донесат сите оние одлуки коишто ги предвидува самиот Деловник, бидејќи тие ја водат Комисијата и таа би требало да биде надлежна за одржувањето на надзорната расправа, тогаш нема причина за дополнително одложување.

Ајде да не одложуваме повеќе и утре, веднаш и неодложно, да ја одржиме надзорната расправа.
Секако, и ние ќе ги поставиме сите оние прашања коишто ја интересираат јавноста, бидејќи сметаме дека се создава паника таму каде што нема потребa, а сметаме и дека граѓаните заслужуваат одговори на овие прашања.

Македонски




