
Министерството за внатрешни работи соопшти дека по повеќе од 15 години запуштеност и негрижа, базенот во Полициската академија во Идризово е целосно реновиран и повторно ставен во функција за потребите на македонската полиција. Објектот, кој повеќе од една и пол деценија беше надвор од употреба, со инвестиција од речиси 5,7 милиони денари е обновен и оспособен за неполни три месеци.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска ја посетил Полициската академија во Идризово, каде што имал можност да се увери во функционалноста на обновениот базен, во кој веќе се вршеше проверка на пливачките способности на кандидатите за прием во Специјалната антитерористичка единица „Тигар“.
Од МВР посочуваат дека повеќе од 15 години овој значаен објект стоел запуштен, а генерации полициски службеници биле лишени од можноста да го користат за обука и професионално усовршување. Денес, како што наведуваат, наместо запуштен и нефункционален објект, Полициската академија располага со целосно реновиран базен, повторно ставен во служба на полициската обука и подготовката на припадниците на Министерството за внатрешни работи.

Објект што повеќе од 15 години стоел запуштен го вративме во функција за неполни три месеци. Тоа е разликата меѓу негрижата и конкретните резултати. Со инвестиција од речиси 5,7 милиони денари обезбедивме услови овој базен повторно да им служи на полициските службеници, за нивна обука, усовршување и одржување на физичката подготвеност – истакнал министерот Тошковски.
Од МВР информираат дека обновениот базен ќе се користи за обука на идните полицајци, специјализирани тренинзи на полициските единици, спасувачки вежби и одржување на физичката подготвеност на полициските службеници. Со неговото повторно ставање во функција, како што велат, се создаваат дополнителни услови за унапредување на професионалните способности и подготвеноста на македонската полиција.
Министерството потсетува дека базенот има и посебно место во македонската филмска историја. Токму во овој објект во 1977 година се снимале сцени од култниот македонски филм „Исправи се, Делфина“, инспириран од големиот спортски подвиг на Атина Бојаџи.
Повторното ставање во функција на базенот е дел од пошироките инвестиции во модернизацијата на македонската полиција. Во изминатиот период значително е обновен комплексот на Полициската академија во Идризово, повторно е вратено Средното полициско училиште, набавени се нови полициски возила, а набргу се очекува и пристигнувањето на новите, целосно ребрендирани и висококвалитетни полициски униформи.
Продолжуваме да вложуваме во знаењето, подготвеноста и професионалниот развој на полициските службеници затоа што вложувањето во нив е вложување во посилна полиција и побезбедна Македонија – порачал министерот Тошковски.
Министерството за внатрешни работи продолжува со конкретни инвестиции во полициската инфраструктура, опремувањето и подобрувањето на условите за обука и работа, со цел натамошно јакнење на капацитетите на македонската полиција.

Македонски




