
Воведувањето администрација во „АЛТА банка“ АД Битола е привремена заштитна мерка и не значи затворање на банката, стечај или одземање на дозволата за работа. Ова го истакнува гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во објава на социјалните мрежи, појаснувајќи дека целта е да се заштитат имотот на банката и заштедите на граѓаните до очекуваната промена на сопственоста.
Според Славески, „АЛТА банка“ е ликвидна, високо капитализирана и има солиден квалитет на кредитното портфолио. Нејзиното работење продолжува под непосреден супервизорски надзор на Народната банка, но со привремени ограничувања на одливот на средства.
За физичките лица е утврден неделен лимит од 10.000 денари за одлив на средства преку картички, односно за готовински подигнувања и плаќања кај трговци. Од друга страна, внатрешните плаќања меѓу сметки во рамките на банката остануваат неограничени.
Построги ограничувања се предвидени за правните лица. Тие привремено нема да можат да префрлаат средства надвор од банката преку платните системи, ниту да повлекуваат готовина од банкомати и шалтери. Ќе можат, сепак, неограничено да вршат внатрешни плаќања кон други правни и физички лица кои имаат сметки во истата банка.
Славески нагласува дека средствата на клиентите остануваат на нивните сметки, а мерките се преземени со цел да се зачуваат штедните влогови, имотот и стабилноста на банката во периодот до промената на сопственоста, за која очекува да се реализира наскоро.
Народната банка континуирано ја следи состојбата, а јавноста, како што најавува гувернерот, навремено ќе биде информирана за сите понатамошни промени.

Македонски




