Skip to main content

Зимски гуми и други алатки: Од 15 ноември за возилата е задолжителна зимската опрема

Од 15 ноември започнува обврската за задолжително поседување зимска опрема за сите возила што учествуваат во сообраќајот во Македонија. Правилото ќе важи до 15 март, без оглед на тоа дали на патиштата има снег.

За патничките автомобили со најголема дозволена маса до 3.500 килограми се дозволени две можности. Првата е зимски гуми на сите четири тркала со длабочина на шарата од најмалку четири милиметри. Втората е летни гуми со иста минимална длабочина на шарата, но во возилото задолжително треба да има и синџири за снег со соодветна големина за погонските тркала.

За возилата со погон на четири тркала (4×4), зимските гуми треба да бидат поставени на сите тркала и да имаат шара од најмалку шест милиметри. Дозволена е и комбинација со летни гуми со најмалку четири милиметри шара и синџири. Кај постојаниот погон на сите четири тркала, синџирите треба да бидат предвидени најмалку за задната осовина, а кај дополнително вклучливиот погон – за осовината што постојано е погонска.

МВР ги наведува ознаките „MS“, „M+S“ и „M&S“, како и знакот снегулка на стилизирана планина со три врва. Употребата на гуми со клинци е забранета.

За возилата потешки од 3.500 килограми се задолжителни зимски гуми на погонските тркала со најмалку шест милиметри шара или летни гуми со најмалку четири милиметри, заедно со соодветни синџири или други помагала.

Автобусите и товарните возила што поради технички причини не можат да постават синџири на погонските тркала мора да имаат зимски гуми на погонските тркала и лопата како прирачен алат.

Покрај задолжителната опрема, на возачите им се препорачува во автомобилите да имаат стругалка за мраз, четка за снег, ракавици и зимска течност за стаклата. Се препорачува и навремена проверка на синџирите, како и запознавање со начинот на нивно поставување пред да бидат потребни на пат. Монтажата треба да се врши на безбедно и видливо место, без попречување на сообраќајот.

Поврзани вести