Skip to main content

Мицотакис: Некои би сакале сцените на вандализам од европските престолнини да ги видат и во Грција, но земјата се движи по поинаков пат

Доста земји-членки веќе се под надзор на Европската комисија и принудени се да воведат мерки за штедење. Ова, за жал, е болна, а понекогаш и експлозивна комбинација, што за жал, во повеќе европски престолнини, предизвикува инциденти, па дури и вандализми. Тоа се сцени што веројатно некои би сакале да ги видат и во нашата земја, но повторно погрешија, бидејќи Грција се движи по поинаков пат, посочи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на денешната владина седница, јави дописничката на МИА од Атина.

Говорејќи за економската ситуација во земјата, нагласи дека Грција има здрав раст, со суфицит и намалување на јавниот долг, а „паралелно ја одржува фискалната стабилност, што е особено важно во период кога има големи турбуленции и на меѓународните пазари на обврзници“.

Додаде дека земјата е во позиција да се справи со меѓународната криза без притоа да ги ограничи социјалните расходи и „продолжува, во рамките на можностите, да ги поддржува приходите на граѓаните и да го намалува даночното оптоварување“.

Од друга страна, многупати имаме кажано дека кога се соочуваме со еден таков глобален потрес, ниту една национална политика не може сама да одговори. Мерките што ги преземаме, би рекол, носат олеснување, но сигурно не го решаваат проблемот. Ги ограничуваат последиците од меѓународната криза, но во никој случај не ги отстрануваат, посочи Мицотакис.

На владината седница Мицотакис се осврна и на грчкото претседателство со Советот за безбедност на Обединетите нации и неговото обраќање во кое, како што рече, имал можност пред меѓународната заедница да ги претстави „грчките позиции за незаконскиот и правно невалиден турско-либиски меморандум“ и додаде дека позициите на Грција добиле импресивна поддршка.

Стана јасно дека географијата не може произволно да се прекројува, како и дека произволните претензии, кои се во спротивност со правото на морето, немаат никаква сила, не создаваат свршен чин и, секако, не ги менуваат националните планови. Како што веќе имам кажано, Грција никому не му се заканува, но и од никој не прифаќа закани, рече грчкиот премиер. (МИА)

Поврзани вести