Skip to main content

ЗНМ: Секој неказнет напад врз новинарите е закана за слободата на медиумите

Секој напад врз новинарите што ќе остане нерасчистен и неказнет создава опасна порака дека насилството врз медиумските работници може да помине без последици, предупредува Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) по повод 2 ноември – Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста за злосторствата против новинарите.

Од ЗНМ посочуваат дека безбедноста на новинарите е многу повеќе од прашање на нивната лична сигурност – таа е основен предуслов за слободно, независно и професионално новинарство. Заканите, физичкото насилство, притисоците и организираните онлајн напади, особено кога сторителите не одговараат, создаваат атмосфера на страв и директно го загрозуваат правото на јавноста да биде информирана.

Од Здружението забележуваат одреден напредок во институционалното постапување, особено кај некои од поновите случаи на физички напади врз новинари. Сепак, нагласуваат дека неказнивоста и долгото траење на судските и истражните постапки и натаму се сериозен проблем. Дел од случаите со години немаат конечна разрешница, додека истовремено се зголемуваат заканите на социјалните мрежи, вознемирувањето и кампањите за дискредитација, особено насочени кон новинарките.

ЗНМ очекува Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и судовите да обезбедат навремено, координирано и ефикасно постапување во сите случаи на напади и закани кон новинарите. Според Здружението, институционалната одговорност не смее да заврши со пријавување на случајот или отворање истрага, туку мора да резултира со утврдување на фактите, идентификување на сторителите и нивно соодветно санкционирање.

Особено внимание, како што посочуваат, мора да се посвети на дигиталното насилство, кое не смее да се третира како помалку сериозна форма на напад. Заканите преку социјалните мрежи, организираните кампањи за оцрнување и говорот на омраза можат сериозно да ја загрозат безбедноста на новинарите и да ја ограничат нивната слобода да известуваат за прашања од јавен интерес.

„Секој нерасчистен напад не е само нерешен случај, туку потенцијален сигнал до идните сторители дека насилството врз новинарите може да остане без последици“, предупредуваат од ЗНМ.

Во тој контекст, Здружението ја поздравува одлуката за формирање Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите, во кој е предвидено да учествува и ЗНМ. Од таму очекуваат ова тело да придонесе за подобра координација меѓу институциите и медиумската заедница, како и за системско унапредување на безбедноста на новинарите.

Сепак, неговата успешност, според ЗНМ, ќе зависи од конкретните резултати, а не само од формалното формирање. Националниот акциски план треба да содржи прецизни обврски, рокови и мерливи индикатори за институциите, како и механизам за редовно следење и известување за спроведувањето.

Од Здружението нагласуваат дека во овој процес мора активно да бидат вклучени и Јавното обвинителство и судството, бидејќи без нивно директно учество не може да се обезбеди целосен и ефикасен институционален одговор на нападите врз новинарите.

Поврзани вести