
Со директен увид во студентскиот дом „Стив Наумов“ министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска ги отфрли обвинувањата на опозициската партија СДСМ за лоши услови за престој на студентите во овој дом.
Денеска видов дека СДСМ држеше прес. Партија синоним за лицемерство, која рече дека е со студентите. Еве како СДСМ во негово време беше со студентите. Во овие услови живееа студенти во времето кога тие беа со студентите. Вие видовте како оваа Влада е со студентите. Имавте можност да влезете во домот и да видите – рече Јаневска.

Таа посочи дека домот е изграден од австриска компанија во соработка со Европската Унија и дека за време на посетите на европски претставници бил високо оценет.
Не само ние туку и европретставниците потврдија дека ова е еден од најубавите и најмодерни домови на Балканот, а во споредба и со некои други земји пошироко – истакна министерката.

Во однос на забелешките за одредени технички недостатоци, Јаневска рече дека е можно да се појават поединечни проблеми, но нагласи дека објектот е под гаранција и сите евентуални дефекти ќе бидат отстранети.
Дали може да се случи некаков инцидент? Да, може да се случи, домот е нов и стан кога купуваат граѓаните, може да се случи нешто да не е баш како што треба. Домот е под гаранција, фирмата е позната, сè што треба да поправи, ќе се поправи и ние ќе се држиме до тоа. Но, дека се рушат ѕидовите, дека течат покириви или дека се случува нешто друго, не е точно. Вие сами видовте – изјави таа.

Министерката апелира до семејствата на студентите да не ги вознемируваат политички партии и други злонамерници.
Децата им живеат во убави услови, кои досега ги немало во оваа земја, и ќе продолжат во исти такви услови да живеат. Доколку имаат каква било забелешка за живеењето во домот, ние тоа ќе го поправиме – рече Јаневска.

Таа најави дека набргу во употреба ќе биде пуштен и студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, во кој, како што истакна, условите ќе бидат на исто ниво како во „Стив Наумов“.
За кратко време ќе пуштиме во употреба уште еден друг дом – „Кузман Јосифовски-Питу“ и таму условите ќе бидат на исто ниво како и овде. Така ние се грижиме за студентите – нагласи министерката Јаневска.

Македонски


