Skip to main content

Пожар на брод во Ормуската Теснина, соопшти британската Агенција за поморска трговија

Пожар рано изутринава избувнал на брод во Ормуската Теснина, во услови на зголемени стравувања од натамошна воена ескалација на иранскиот конфликт, соопшти британската агенција за поморски трговски операции (УКМТО).

Инцидентот го пријавил капетан на друг брод, соопшти УКМТО преку објава на социјалната мрежа Икс.

Причината за пожарот, како и состојбата на бродот и неговиот екипаж, засега не се познати. Според агенцијата, инцидентот се случил во водите крај брегот на Оман.

Американската морнарица неодамна придружуваше танкери низ тој дел од теснината, во мигови кога иранските сили ги засилија нападите врз бродовите во регионот.

Пловидбата низ Ормуската Теснина е една од клучните точки на спор во конфликтот меѓу САД и Иран.

Иранските медиуми објавија соопштение на Револуционерната гарда во кое се наведува дека во последните 24 часа три танкери удриле во морски мини во јужниот премин и се запалиле.

Нема независна потврда на таквите тврдења. Засега не е јасно ниту дали се однесуваат на бродот за кој извести британската агенција. (МИА)

Поврзани вести