
Припадници на Одделението за претходница и сообраќајно-ескортно обезбедување при Министерството за внатрешни работи од 19 до 23 октомври учествувале на меѓународниот семинар „Technology for Road Policing“, организиран во рамки на Европската мрежа на сообраќајни полиции (ROADPOL) во соработка со Школата за сообраќај на шпанската Цивилна гарда, пренесува Алфа.
Како што соопшти МВР, семинарот се одржал во Мадрид и Мерида, во Кралството Шпанија, и собрал полициски претставници од 20 европски земји и земји од Блискиот Исток.
Фокусот на настанот бил ставен на размена на професионални искуства, презентација на современи технолошки решенија и унапредување на методите за контрола и надзор на сообраќајот, со цел зголемување на безбедноста на патиштата и намалување на бројот на сообраќајни незгоди.
Учесниците имале можност да се запознаат со најновите технологии за откривање сообраќајни прекршоци и со современи практики за подобрување на безбедноста во патниот сообраќај. Во рамки на програмата била реализирана и показна вежба на припадници на шпанската Цивилна гарда, при што биле демонстрирани полициски мотоцикли и техники за прецизно и контролирано управување со нив во извршување на службените задачи.
Според МВР, учеството на семинарот претставува можност за директно запознавање со европските искуства и практики во областа на сообраќајната безбедност, како и за разгледување на можностите за примена на нови технологии и методи во секојдневното полициско работење.
Од Министерството посочуваат дека Секторот за сообраќајни работи континуирано ги поддржува активностите насочени кон јакнење на професионалните капацитети, размена на меѓународни искуства и примена на современи пристапи во полициското постапување, со цел поефикасно спречување на сообраќајните незгоди.

Македонски

