
Младиот гитарист Филип Гечовски во вторник (27 октомври) од 19 часот во Македонската филхармонија ќе го одржи својот прв солистички концерт. Тој е студент на трета година на Факултетот за музичка уметност во Ниш и со посветеност и усовршување го гради својот уметнички пат и придонесува за афирмација на класичната гитара.
Првиот солистички концерт Гечовски им го посветува на своите пријатели Петар Миланов, Адам Велков, Марко Ѓорѓиевски и познатиот оперски баритон Ристе Велков, првенец на Националната опера и балет, кои на 21 мај годинава загинаа во тешка сообраќајна несреќа на скопската обиколница.
Неговиот концерт, вели Гечовски, е за вечна благодарност и сеќавање и верува дека „секоја нота што ќе се слушне вечерта на концертот ќе стигне некаде горе до нив“, како потсетник за сите нивни недоживеани денови и соништа што останале да чекаат.
Отсекогаш кога го замислував својот прв солистички концерт, во мислите ве гледав вас во првите редови. Знаев каде би седеле, ги замислував вашите погледи, вашите насмевки и она чувство дека сте тука, со мене, како и многупати досега. Сакав по концертот да ги споделиме впечатоците, да се насмееме и повторно да направиме некој од нашите планови за деновите што доаѓаа. Животот, за жал, го напиша својот план поинаку, пишува Гечовски во посветата за концертот.

Филип Гечовски е роден во 2005 година и почнал да изучува класична гитара на деветгодишна возраст. Студент е на трета година на Факултетот за музичка уметност во Ниш, во класата на професор Милош Јањиќ. Добитник е на повеќе награди на меѓународни натпревари по класична гитара, а учествувал и на неколку музички настани.

Македонски

