
Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост денеска го помина првиот филтер. Пратениците во македонското Собрание на седницата на Комисијата за финансирање и буџет го прифатија по што ќе оди на понатамошно читање. Директорот на Управата за имотноправни работи, Зоран Крстаноски, пред пратениците образложи дека цел на предложените законски измени е да се надминат утврдените проблеми во досегашната примена на законот, да се допрецизираат условите и постапките за приватизација на градежното земјиште и да се обезбеди поголема правна сигурност за граѓаните и правните лица.
Крстаноски посочи дека во текот на досегашната примена на законот се утврдило оти одредени законски решенија создаваат тешкотии во постапувањето, особено во случаите кога постојат повеќе сопственици на објекти на иста градежна парцела или кога станува збор за објекти во етажна сопственост, како и во постапки поврзани со претходно запишани права на користење на градежното земјиште. Појасни дека има пет јасни и прецизни измени.
Првата значајна измена се однесува на укинувањето на одредбите за воспоставување ограничен привремен закон на градежното земјиште во државна сопственост. Досегашната практика покажа дека овие одредби се неприменливи и создаваат правна нееднаквост во однос на лицата што своите права ги остваруваат во согласност со Законот за градежното земјиште. Поради тоа, се предлага нивно бришење и соодветно на оваа измена законот во иднина ќе го носи називот: Закон за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост. Втората значајна измена се однесува на допрецизирање на категориите лица што може да го остварат правото на приватизација на градежно земјиште. Со предложените решенија се опфаќаат лицата што се прогласени за наследници на правата што произлегуваат од законот, како и лицата на кои им е пренесено правото за продолжување на постапката за приватизација во случаи кога и претходно било избришано правото на користење на земјиштето. На овој начин се создаваат појасни правни основи за продолжување на веќе почнатите постапки и остварување на правата на лицата што ги исполнуваат законските услови – вели Крстаноски.
Тој образложи дека третата значајна измена се однесува на приватизација на градежно земјиште на кое се изградени објекти во етажна сопственост, односно објекти или посебни делови од објекти во сопственост на разни физички и правни лица.
Значајно е во овој дел што на етажните сопственици им се овозможува да го приватизираат земјиштето под зградата врз основа на податоци од Катастарот на недвижностите, без обврска да доставуваат геодетски елаборати за нумерички податоци за формирање градежна парцела. Ова претставува конкретно административно олеснување со кое се поедноставува постапката и се намалува потребата од дополнителна документација за овој дел од земјиштето, воедно се уредуваат и случаите кога на една градежна парцела постојат два или повеќе објекти во сопственост на повеќе лица, со што се создаваат и појасни услови за утврдување на нивните сопственички права – рече Крстаноски.
Четвртата измена се однесува на можноста за проширување на веќе поднесени барања за приватизација, а како што појасни Крстаноски, се овозможува, до донесување на првостепеното решение, барањето да се прошири и на други катастарски парцели, кои се дел во истата градежна парцела под услови утврдени во овој закон. Тој истакна дека се допрецизира и можноста кон веќе почната постапка да се приклучат и други лица што имаат соодветно право или правен интерес, вклучително и корисниците на земјиштето, сопствениците на објекти или етажните сопственици.
Со тоа се овозможува посеопфатно решавање на имотноправните односи во рамките на постојните постапки. Петтата значајна измена се однесува на повторно отворање на можноста за промена на правото на користење во право на сопственост на градежното неизградено земјиште за определена категорија од законот, кои се поранешни сопственици. Имено, со предложените одредби се предвидува рок од една година од влегување во сила на законот овие лица да може да поднесат пријава до Агенцијата за катастар на недвижностите во согласност со утврдените законски услови. Истовремено, се предвидува и обврска за Агенцијата за катастар на недвижностите, во рок од две години од влегување во сила на законот, да изврши решение на преостанатите запишани права на користење на градежното земјиште, со исклучок на оние права што се заштитени со предвидените законски одредби – образложи Крстаноски пред пратениците.
Тој потенцира и дека на овој начин се создаваат и услови за поажурна и поусогласена катастарска евиденција и за надминување на дел од постојните имотноправни неусогласености.
Со овие предложени измени дополнително се прецизираат и одредбите што се однесуваат на потребната документација за постапката, во смисла на геодетски елаборати, се конкретизираат роковите за постапување и правото на жалба, а се врши и усогласување на законскиот текст со актуелните називи на надлежните институции и со уставното име на државата – вели Крстаноски.
Инаку, спроведувањето на предложениот закон нема да предизвика дополнителни финансиски импликации врз буџетот на Република Македонија.

Македонски

