
Раководството на СДСМ се повеќе наликува на секта во која клучниот предуслов за припадност е геслото – сите други се виновни за поразите, само Венко Филипче не носи одговорност за ништо!, реагираат организаторите на „Разговори за иднината во 12:05“ во врска со, како што велат, денешните паушални обвинувања изнесени на принудна прес-конференција на другарот Јовица Радески.
Денес, го принудиле другарот Јовица Радески да излезе на прес-конференција само затоа што му честитавме за неговиот достоинствен настап на изборите. Барале од него да им ја докажува лојалноста. Му се извинуваме за тоа што денес мораше јавно да се срами а приватно да се извинува. Јавно го повикуваме раководството да излезе со барем едно име и презиме кое припаѓа на „Разговорите за иднината во 12:05“ кое наводно вршело агитација против кандидатот на СДСМ во Брвеница. Конечно, доколку од “Разговори за иднината во 12:05” зависи дали кандидатите на СДСМ победуваат тогаш ова дезориентирано партиско раководство самото признава дека мора да си замине. Ниту една принудна прес конференција не може да ја покрие вистината дека Венко Филипче е полномошникот за највалканиот политички дил во последните 35 години. Чесното членство сеʼ помасовно се срами што актуелното раководство му слугува на Христијан Мицкоски, велат организаторите на „Разговори за иднината во 12:05“.
На денешната прес-конференција кандидатот за градоначалник на Општина Брвеница од СДСМ, Јовица Радески, рече дека „луѓето од Платформата ЗНАМ 2.0 работеле против него и против СДСМ“.
Не помогнаа, туку одмогнаа. Дури одредени луѓе токму од оваа Платформа повикуваа и да не се излезе на гласање и да не се гласа. Другари, требаше да дојдете и да помогнете. А не сега да кажувате за Брвеница. Размислете каква штета правите. Или молчете или помогнете, доста одмагате. Црна дамка на изборите фрли објавувањето на резултатите од гласањето на болните и изнемоштените, уште пред да се отворат кутиите. Очекувам и барам истрага за точно да се види кој ги отворил кутиите, кој ги броел и кој го пратил бројот да се објави јавно, пред да стигне до комисијата“, рече тој.
Според Радески, изборите во Брвеница уште еднаш покажале дека СДСМ е единствената вистинска опозиција во Македонија.

Македонски

