Skip to main content

Тошковски: Михајлова последен пат е видена во државата на 10 октомври, нелегално заминала

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изјави дека Ива Михајлова нелегално ја напуштила државата. Како таа заминала од Македонија, како што кажа, треба да одговори истрагата која што е во тек. Според Тошковски, Михајлова во земјава последен пат била видена на 10 октомври вечерта. 

Согласно информациите кои ги имам меѓународна потерница ќе биде распишана денес, јавното обвинителство побара определување мерка притвор. Доколку судот донесе таква одлука веднаш Министерството ќе ја процесуира преку каналите што ги имаме за меѓународна соработка и се надевам дека нашиот источен сосед ќе се одважи да ги почитува меѓународните правила, Европската конвенција за човекови слободи и права, се она што значи нормална европска држава каква што Бугарија тврди дека е и суштински и е дел од семејството на ЕУ – рече Тошковски во интервју за Тема на денот на ТВ Сител.

Тоа Бугарија, вели тој, треба да го покаже со дела а не само со декларативни изјави. 

Одредени вредности и правила овде кај нас и во Бугарија, која е земја – членка на ЕУ треба да бидат исти, истакна Тошковски. Како Михајлова излегла од Македонија ќе одговори истрагата, но „факт е дека тоа лице не е евидентирано во рамки на граничната контрола на Македонија и во исто време не е евидентирана од граничната контрола на Бугарија во текот на 2025 година“. 

Министерот за внатрешни работи во интервјуто рече дека истрагата ќе даде детали како лицето „практично кажано избегало од Македонија“.

Ќе даде истрагата одговори на тоа. Не би сакал сега да навлегувам во сите детали. Но, факт е дека лицето нелегално излегло од Македонија и нелегално влегло во Бугарија, особено дека нелегално излегло од Македонија – рече Тошковски.

Според него, во случајов треба да се отворат неколку прашања. 

Дали секое лице заслужува соодветен медицински третман во рамки на која било постапка. И одговорот тука е неспорно – да. Второ прашање што се поставува е дали правото на живот е загарантирано во Македонија, во Бугарија и во рамки на ЕУ. За жал, во еден кривично правен настан каде што учесник било и лицето кое што излегло од Македонија, имаме загинато човек. Тоа е факт кој не смее да го занемариме и дали заслужува правичен одговор, и дали фамилијата на оној кој го загубил животот заслужува правда во една законита постапка – рече Тошковски.

Според министерот, прва невистина во текот на вчерашниот ден била дека легално лицето ја напуштило границата во присуство на нејзиниот адвокат од Бугарија бидејќи последниот легален влез и излез во Македонија на адвокатот е минатиот месец, а МВР има непобитни материјални докази дека лицето Ива Михајлова на 10-ти вечерта се наоѓа на територија на Македонија.    

Ваквиот начин на третирање на лице кое што е дефакто лице на кривичен прогон за кривично правен настан каде што загинал друг човек а притоа од земја членка на ЕУ да се дава таква поддршка под плаштот на „хуманитарен третман“ од страна на претседател на држава, од страна на министер за внатрешни работи, па обезбедување да и било давано, навистино е фрапантно невидено – рече Тошковски.   

Потсети дека има и други лица кои се дури и правосилно осудени кои пребегале во Бугарија. 

Ива Михајлова, која во Македонија е обвинета во судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици, деновиве избега во Бугарија.

За Михајлова, која има и бугарско државјанство, денеска е распишана централна и меѓународна потерница, а кочанскиот Суд и одреди мерка притвор во траење од 30 дена. За неа беа изречени мерки на претпазливост а и беа одземени патните документи.  

Македонското МВР претходно соопшти дека таа нелегално излегла од Македонија и нелегално влегла во Бугарија.

Преку заедничкиот контакт-центар со Република Бугарија извршени се проверки и од страна на бугарската гранична полиција, од каде што е добиена информација дека за наведеното лице нема евидентиран легален влез на територијата на Република Бугарија – соопшти попладнево МВР.

Медиумите во Бугарија објавија дека Михајлова се наоѓа во Софија.

Поврзани вести