
Филмот „Скејбордингот не е за девојчиња“ доживеа три проекции во Кочани и во три наврати имаше солидна пополнетост на кино салата на ЦК „Бели мугри“. Првото прикажување се случи на 9 – ти октомври, денеска имаше две проекции во дневни термини за средношколци. „Скејбордингот не е за девојчиња“ во Кочани „изгледаа“ преку 400 љубители на големото платно со платени влезници.
Режисерката Дина Дума помеѓу двете проекции денеска разговараше со дел од публиката.
Таа кажа дека иницијална каписла за создавање на овој филм е кога на кејот на Вардар во Скопје сретнала девојка како „скејта“ во шалвари, традиционална ромска облека.
Од тој момент почнав да размислувам за создавање на филмот. Пишувањето на сценариото, изборот на актерите, снимањето, постпродукцијата траеше цели пет години. Можам да кажам дека имаше многу импровизација. Некои од актерките воопшто не го имаа прочитано сценариото, раскажа, режисерката Дина Дума.
Во разговорот со публиката таа го објасни процесот на снимањето на еден филм. Од ЦК „Бели мугри“, Дина доби благодарница за коректност соработка.
„Скејбордингот не е за девојчиња“ е продукциски остварување на „Сестри и брат Митевски“.
Филмот е семејна драма што ја следи приказната за три генерации жени кои се соочуваат со судирот помеѓу традицијата и современите предизвици раскажана низ перспективата на 12-годишната Адела.
На светската премиера во јуни годинава на престижниот филмски фестивал „Трибека“ во Њујорк, САД, филмот ја доби наградата „Нора Ефрон“.

Македонски


