
Полската полиција приведе маж осомничен за заговор за напад врз премиерот, изјави во неделата министерот за внатрешни работи Марцин Кирвински, откако претходно изјави за добиени наводни закани за атентати врз премиерот Доналд Туск и министерот за одбрана Владислав Косињак-Камиш.
„Полската полиција приведе маж кој му се закани на премиерот Доналд Туск и планираше напад врз него“, напиша Кирвински на Платформа X, без да даде детали.
Во посебен пост на X, Туск ѝ се заблагодари на полицијата за нивната „брза и решителна реакција“.
Иако насилните злосторства се релативно ретки во Полска, земјата е длабоко поделена политички во однос на украинското славење на нацистичките соработници од Втората светска војна кои го извршиле познатиот Волински масакр врз полското население, а истовремено се соочува со безбедносни закани поради близината на војната во Украина.
Во август, полицијата приведе 23-годишен маж обвинет за повикување на атентат врз високи полски политичари. Во 2024 година, Туск тврдеше дека добил закани по атентатот врз словачкиот премиер Роберт Фицо, во кој овој беше тешко ранет.
Портпаролката на Министерството за внатрешни работи, Каролина Галецка, во неделата изјави дека е-поштата со информации за можен напад била проследена до полицијата од страна на Службата за државна заштита, која е задолжена за безбедноста на министрите. Галецка притоа не го објави изворот на електронската порака.
Овие изјави дојдоа во време кога полските власти се во состојба на зголемена готовност по трите напада со нож вo училишта во земјата последните денови, од кои во еден во четвртокот беше убиена служителка во едно училиште. Во саботата , полската полиција соопшти дека вкупно 76 лица се приведени во текот на масовните проверки започнати по нападите со нож во три училишта претходно оваа седмица во кои едно лице беше убиено а неколку други беа повредени

Македонски


