Skip to main content

Ајкула заталка во крајбрежен парк во Јужна Кореја, одбива да си замине и привлече над милион посетители за три недели

franziska-stier-from-pixabay

Ајкула, забележана на 18 септември во тесен канал во крајбрежен парк во Бусан, Јужна Кореја, одбива да си замине веќе речиси три недели, и покрај обидите на надлежните власти да ја спасат. Според градските власти, ајкулата којашто жителите ја нарекоа „Буканг-и“ – според Северното пристаниште, привлече повеќе од 1,02 милиони посетители во паркот, објавија тамошните медиуми.

Поморската полиција и властите првично се обиделе да ја избркаат ајкулата од каналот, но подоцна почнале операција за спасување, стравувајќи дека долготрајниот престој во ограничениот простор може да ја загрози нејзината безбедност. За време на првиот обид на 29 септември, пет пловни објекти користеле водени млазови за да ја насочат ајкулата кон отвореното море. Сепак, ајкулата ги избегнала млазовите, а операцијата била прекината по околу пет часа работа и обиди.

Во вториот обид во петокот, спасувачкиот тим поставил мрежа долга 50 метри и висока 6,8 метри. Сепак, мрежата се закачила за дното на каналот, а ајкулата не направила обид да излезе. Спасувачите на крајот ја отстраниле мрежата за да ѝ овозможат на ајкулата сама да излезе, но без успех.

Националниот институт за наука за рибарство соопшти дека секојдневно ја следи здравствената состојба на ајкулата и дека досега не се откриени сериозни проблеми.

Поврзани вести