Skip to main content
Големо откритие во физиката

Создадени првите нуклеарни часовници во светот

pixabay

Научници од Кина и Австрија ги конструираa првите нуклеарни часовници – уреди што би можеле да придонесат кон нашето разбирање на фундаменталните закони на физиката. Станува збор за два независни прототипа на новото поколение атомски часовници коишто го мерат времето преку следење на промените во самото атомско јадро, поточно – меѓу протоните и неутроните, пренесува „Евроњуз“ (Euronews)“.

Атомските часовници се користат за прецизно мерење на времето уште од 1949 година. Досега, нивното функционирање се засноваше на следење на електроните коишто преминуваат меѓу енергетските нивоа во рамките на атомите. Ова ново откритие покажува дека и самото атомско јадро може да послужи како референтна точка. Резултатите од истражувањето беа објавени од тимовите од кинескиот Универзитет Цингхуа и поврзаните институции, како и од Техничкиот универзитет во Виена (TU Wien / ТУ Виена). Резултатите се појавија вчера во две одделни статии во списанието „Нејчр“ (Nature).

Нуклеарните часовници не се обични часовници што го прикажуваат времето, туку ултрапрецизни уреди коишто го мерат времето врз основа на промените во атомското јадро. За разлика од конвенционалните часовници што може да имаат благи отстапки (да доцнат или да забрзаат), овие уреди на крајот би можеле да го мерат времето со уште поголема прецизност од денешните атомски часовници.

Ова е значајно и за секојдневниот живот, бидејќи прецизното мерење на времето овозможува функционирање на ГПС-навигацијата, мобилните мрежи и интернетот.

Нуклеарните часовници би можеле да ја подобрат прецизноста на навигацијата и сигурноста на комуникациските мрежи. Часовникот се заснова на ториум-229, редок атом чие јадро може да преминува меѓу енергетски состојби кога е изложено на ултравиолетова ласерска светлина. Тоа е единственото познато атомско јадро со такво својство. За таа цел, научниците развија специјален ласер којшто лачи ултравиолетова светлина со бранова должина од 148,4 нанометри. Тие го насочиле ласерскиот зрак кон мали кристали од калциум флуорид коишто содржат ториум-229.

Клучниот резултат од истражувањето е потврдата дека концептот на нуклеарен часовник функционира. За време на пробите, ласерот остана синхронизиран со јадрото на ториум-229 и одржуваше стабилен ритам, постигнувајќи доволно висока прецизност.

Објавените трудови укажуваат на тоа дека ваквите часовници би можеле да одиграат важна улога и во фундаменталната физика, иако конкретните примени сè уште не се подробно разработени.