
Притисокот на САД врз сојузниците во НАТО да ги зголемат издвојувањата за одбраната „не е непријателска работа“, изјави денеска американскиот државен секретар Марко Рубио за време на посетата на Португалија.
Тој повтори дека администрацијата на претседателот на САД Доналд Трамп, сака Северноатлантската алијанса да стане посилен фактор за одвраќање на заканите.
Рубио рече дека „колку се посилни членките на НАТО, толку е посилен НАТО, посилни се сојузништвата и посилно е одвраќањето“.
Трамп веќе долго време им приговара на сојузниците во НАТО дека премалку издвојуваат за одбраната, па тогаш САД мораат да го носат, како што вели тој, неправедниот товар. Сепак, некои од 32-те членки и натаму неволно пренасочуваат средства кон заедничката одбрана, не сакајќи да ги загрозат другите владини политики за кои служат тие пари.
Луѓето понекогаш сметаат дека овој повик за вложување повеќе пари во одбраната е непријателска работа. Тоа не е непријателска работа – рече Рубио, признавајќи, сепак, дека некои помали членки на НАТО, како што е Португалија, имаат потешкотии да најдат средства за финансирање големи воени проекти.
Секоја земја е со различна големина и пропорции. Некои земји можат да придонесуваат повеќе од други, но секоја земја во НАТО треба да биде силна колку што може да биде – порача Рубио на прес-конференција во Лисабон.
Тој ги поздрави напорите на Португалија да ги зголеми издвојувањата за одбраната, од два отсто од буџетот на планирани три отсто од буџетот. Трамп, сепак, бара издвојувањата да бидат пет отсто.
Тој укажа на опасностите од војната во Украина и предупреди на можноста сегашната четиригодишна војна да се прелее во други земји.
Тоа што ниту едната ниту другата страна во војната не напредуваат на фронтот би можело да доведе до воена ескалација во Европа, рече американскиот државен секретар.
Таквата ескалација би можела да има форма на кампања на саботажи во соседните земји, членки на НАТО – рече Рубио и додаде дека тоа „брзо би можело да се претвори од она што сега е војна на две земји во многу поширок и далеку поопасен регионален конфликт“.
Официјални лица на Европската унија – во која Португалија е земја членка – ја обвинуваат Москва за кампања на саботажи и создавање хаос со цел да се поткопа поддршката за Украина и да се дестабилизираат европските нации.
Рубио рече и дека администрацијата на Трамп ќе продолжи со обидите преку посредување да дојде до договор за ставање крај на војната, но дека тоа е комплицирана работа.
Се обидуваме, ќе продолжиме да се обидуваме, но исто така нема да инвестираме во бесмислени процеси ако не можеме да дојдеме до напредок – додаде Рубио.
Во последните руски напади врз истокот на Украина загинаа 30 луѓе.(МИА)

Македонски


