
Турција проценува како може да ѝ помогне на Саудиска Арабија да се одбрани од нападите на јеменските Хути, како дел од заедничкиот одбранбен пакт со Пакистан, изјави денеска шефот на турската дипломатија Хакан Фидан.
Тој потенцира дека Договорот од Мека е одбранбен пакт, а не офанзивен и оти Турција нема да испраќа војници во друга земја за да извршуваат напади на нејзина територија.
Легитимните владини сили на Јемен веќе ја продолжуваат битката на терен и Саудиска Арабија ги поддржува. Но, ова е одбранбен договор. Кога земја што е потписничка на пактот е нападната, вие стоите зад неа во нејзина одбрана, посочи Фидан.
Тој додаде дека воените делегации ќе ги утврдат оперативните одбранбени потреби на Саудиска Арабија и на кој начин би можеле да придонесат Турција и Пакистан.
Турција, Пакистан и Саудиска Арабија во август потпишаа Договорот за меѓусебна одбрана, според кој вооружен напад врз една членка се смета за напад врз сите. Трите земји оттогаш одржаа политички и воени состаноци како одговор на нападите на Хутите. Пред четири дена е договорено веднаш да ги преземат своите колективни одбранбени обврски и да обезбедат брзо распоредување на воени сили и капацитети во Саудиска Арабија.
Турција, која има втора најголема армија во НАТО и силна одбранбена индустрија, ги осуди нападите на Хутите врз Саудиска Арабија, изрази подготвеност да помогне во техничките воени потреби на Ријад и се согласи да се приклучи на коалицијата предводена од Саудиска Арабија за да се обезбеди безбедна пловидбата во Црвеното Море.(МИА)

Македонски


