Skip to main content

Шасивари: Да продолжи дијалогот за изборното законодавство, СДСМ да се врати на маса

 Дијалогот за изборното законодавство да продолжи и опозицискиот СДСМ да се врати во процесот и да ги повлече поднесените девет илјади амандмани, е пораката од денешниот консултативен состанок во Министерството за правда за реформите во изборното законодавство инициран од министерот Јетон Шасивари. Нема најава кога би се одржала следна ваква средба. 

На состанокот присуствуваа претставници на сите политички партии застапени во Собранието, освен претставниците на СДСМ. 

По средбата, министерот за правда Шасивари изјави дека целта на средбата била да се разговара за отворените прашања и за чекорите потребни за деблокирање на процесот и негово враќање во активна институционална динамика. Најави дека во следниот период ќе побара средба со претседателот на СДСМ, Венко Филипче, со цел да му се даде втора шанса на овој процес, кој, како што нагласи, е многу важен бидејќи е дел од нашата реформска агенда и изборните правила се за граѓаните.  

Изборното законодавство бара широка институционална одговорност бидејќи правилата на изборниот процес се темел на довербата на граѓаните во демократските институции. Како министер за правда, мојата покана за разговор не беше покана за политичко надмудрување, туку за институционална одговорност – рече Шасивари.

Изборниот законик, според него, ги утврдува демократските правила според кои граѓаните ја остваруваат својата слободно изразена волја и затоа смета дека сите политички чинители имаат обврска да разговараат. 

Можеме да имаме разни политички ставови, но не смееме да дозволиме разликите да бидат пречка за унапредување на изборниот систем – рече Шасивари.

Министерот истакна дека СДСМ, како релевантен политички субјект, ги очекува на маса и смета дека мислењето и ставовите на оваа опозициска партија е значајна за дијалогот.

Измените на изборното законодавство треба да бидат во согласност со европските стандарди и препорките на ОБСЕ/ОДИХР, потсети тој.

Поврзани вести