Skip to main content

Излезе од печат научната монографија „Религиското образование и ΠΑΙΔΕΙΑ: Компаративно-правни перспективи“ од монахињата Ефимија (Зајковска)

вештената Бигорска Обител ја известува јавноста дека од печат излезе научната монографија „Религиското образование и ΠΑΙΔΕΙΑ: Компаративно-правни перспективи“, авторски труд на монахињата Ефимија (Зајковска), член на сестринството од манастирот „Свети Георгиј Победоносец,“ Рајчица.

Книгата е достапна во печатена форма, но и во електронска верзија за сите заинтересирани читатели на официјалниот веб-сајт на Бигорскиот манастир.

Ова значајно дело претставува резултат на нејзиниот одбранет магистерски труд на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, но и плод на долгогодишниот активизам за унапредување на религиското образование во македонскиот образовен систем. Како рецензенти на овој капитален научен труд се потпишуваат истакнатите професори д-р Александар Спасеновски и д-р Анета Јовковска.

Студијата претставува обид за темелно, повеќеслојно и научно расветлување на еден од најкомплексните и најделикатните сегменти во современиот македонски образовен систем: местото, улогата и перспективите на религиското образование во јавните училишта, со посебен фокус на наставниот предмет „Етика во религиите“. Сместувајќи го истражувањето на пресекот помеѓу државната политика, религијата и општеството, трудот го анализира овој феномен преку четири комплементарни димензии: уставно-правната, современите педагошки стандарди, општествените перцепции и теолошките позиции. Основната цел на монографијата е да понуди објективна научна парадигма, која ќе ги надмине честопати поларизираните, идеолошки обоени и редукционистички дебати во македонскиот јавен простор, нудејќи решенија засновани на емпириски факти и компаративни меѓународни искуства.

Во теоретскиот и историскиот дел од истражувањето, низ призмата на компаративната анализа се расветлуваат трите доминантни европски образовни модели: Конфесионалниот модел (карактеристичен за земји како Германија и Австрија); лаицистичкиот модел на радикална сепарација (Франција) и мултирелигискиот/феноменолошкиот модел (Англија).

Овие глобални парадигми дополнително се рефлектираат и се сопоставуваат со специфичните, честопати хибридни решенија на балканските простори, вклучувајќи ги искуствата на Србија, Грција, Бугарија и Хрватска. Преку исцрпната компарација, во трудот научно се елаборира концептот на „позитивна неутралност“ на државата. Се аргументира дека вистинската секуларност во едно демократско општество не подразбира присилно протерување на религијата од јавната сфера или наметнување на државен атеизам, туку создавање на објективна, инклузивна и плуралистичка образовна рамка во која учениците ќе стекнат неопходна религиозна писменост која ќе дејствува како заштита од радикализмот, предрасудите и стереотипите.

Посебно внимание е посветено на историската генеза на религиското образование во македонскиот контекст. Трудот хронолошки го следи развојот на писменоста од црковно-манастирските ќелијни училишта, кои го зачувале националниот и духовен идентитет, преку периодот на насилна идеолошка атеизација и марксистички материјализам во социјалистичка Југославија, па сè до сложениот процес на постсоцијалистичка десекуларизација и религиозна ревитализација по прогласувањето на независноста во 1991 година. Овој историски преглед помага да се разберат длабоките социјални и психолошки кодови, кои денес ги генерираат ставовите на државниот апарат кон религиските содржини во државните училишта.

Емпирискиот столб на оваа студија се потпира врз обемни квантитативни истражувања на јавното мислење и детални анкети на родителите на учениците кои го слушале предметот „Етика во религиите“. Резултатите од овие теренски истражувања понудија клучни наоди, кои успешно ги верификуваа почетните теоретски претпоставки на трудот, лоцирајќи ги истовремено и предностите и структурните слабости на сегашниот систем. Емпиријата јасно покажа дека кога наставниот предмет е поставен на објективна, феноменолошка и неиндоктринирачка основа, тој кај јавноста и кај родителите не се доживува како уставна закана за секуларизмот, туку напротив, се препознава како сериозен општествен капитал за развивање на меѓукултурна чувствителност, социјална емпатија и толеранција во мултиетничкиот македонски амбиент.

Истовремено, анализите во трудот прецизно ги дефинираа и најзначајните кадровски и инфраструктурни предизвици. Како клучен фактор за педагошката одржливост на предметот се издвојува неопходноста од ангажирање на дипломирани теолози со завршена специјализирана методско-педагошка подготовка на теолошките факултети, со што би се обезбедил неопходниот баланс меѓу теолошката автентичност и современите дидактички стандарди. Исто така се истакнува и ограничувачкиот фактор во актуелниот наставен план, а се лоцира и премалиот фонд на часови, кој ја дестимулира наставната програма целосно да ги развие своите длабоки етички, когнитивни и релациски цели кај учениците.

Во завршниот дел на студијата, сублимираните наоди се преточени во конкретни, издржани и практично применливи препораки наменети за креаторите на образовните политики, Бирото за развој на образованието, педагошките институции, научната јавност и верските заедници во земјата. Трудот повикува на итна институционална заштита на предметот и негово претворање во стабилен, научно заснован и општоприфатен дел од македонското образование. Крајниот заклучок на оваа студија е дека писменоста за религиите и нивните етички системи не го дели општеството, туку, доколку е правилно менаџирана, претставува ненадминлив кохезивен фактор кој ги подготвува младите генерации за живот во сложен, плуралистички и глобализиран свет.

Значењето и високите научни дострели на оваа монографија ги потврдуваат и извадоците од рецензиите на истакнати професори. Проф. д-р Александар Спасеновски во својата рецензија меѓу другото истакнува:

„Постојат книги во кои научната мисла останува одвоена од личноста на авторот. Постојат и дела во кои секоја страница носи дел од неговиот животен пат, од неговите убедувања и од вредностите според кои го разбира светот. Книгата ‘Религиското образование и ΠΑΙΔΕΙΑ: компаративно-правни перспективи’ од монахињата Ефимија (Зајковска) припаѓа на вториот вид. Во неа научната дисциплина, духовното искуство и општествената одговорност се среќаваат во една заокружена истражувачка целина.

Книгата ‘Религиското образование и ΠΑΙΔΕΙΑ: компаративно-правни перспективи’ претставува сериозен придонес во македонската научна и стручна литература. Врз основа на содржината, структурата, методолошкиот пристап и општествената релевантност на истражувањето, оценувам дека ракописот претставува вредно, зрело и општествено релевантно дело. Поради компаративната широчина, интердисциплинарниот карактер и практичната употребливост, со задоволство го препорачувам делото за објавување и за претставување пред научната, стручната и пошироката читателска јавност.“

Исто така, професорката д-р Анета Јовковска во својата рецензија подвлекува:

„Во време кога образованието сè почесто се сведува на стекнување функционални знаења, а воспитната димензија постепено се повлекува пред барањата на технократскиот и прагматичниот пристап, секое сериозно научно дело што повторно го отвора прашањето за човекот, неговата духовност, вредносниот развој и местото на религијата во образованието, претставува вистински придонес за современата академска мисла.

Авторката покажува зрелост и тогаш кога обработува теми кои во јавниот простор често предизвикуваат поларизации. Наместо идеолошки определби, таа се определува за аргументиран научен разговор. Наместо исклучивост, нуди внимателна анализа. Наместо поедноставени одговори, ја прифаќа сложеноста на современото општество. Токму затоа нејзините заклучоци оставаат впечаток на научна уверливост и професионална одговорност. Особено е вредно што авторката успева да покаже дека секуларната држава и религиското образование не треба да се разберат како спротивставени категории. Напротив, кога секој останува доследен на својата надлежност и кога воспитно-образовниот процес се темели врз научни, педагошки и етички принципи, можно е да се изгради модел кој истовремено ја почитува слободата на личноста, демократските вредности и духовното наследство на општеството. Затоа, со особено задоволство и чувство на научна одговорност ја препорачувам оваа монографија, уверена дека таа ќе претставува значаен придонес кон современата теолошка, педагошка и општествена мисла.“

Ја користиме приликата да упатиме срдечна благодарност до г-ѓа Ивана Арнаудова за изработениот превод на германски јазик, како и до г-ѓа Бранка Љубиноска за преводот на албански јазик, со чиј труд и посветеност оваа студија добива поширока меѓународна и регионална пристапност.

Поврзани вести