
По средбите со претставници на Американската финансиска развојна корпорација (DFC) во САД, Владата очекува во наредниот период да се доразработи концептот за нов проект, да се утврди носителот на инвестицијата и да се дефинира финансиската конструкција за негова реализација, изјави премиерот Христијан Мицкоски на ТВ Алфа.
Тој посочи дека за време на престојот во Соединетите Американски Држави имал средба со високи претсвници на DFC задолжени за инвестиции, која ја оцени како охрабрувачка.
Ценам дека имавме прилично успешен разговор и од тој разговор можам да бидам оптимист. Секогаш после тие разговори тоа што следи е многу значајно и важно. Мислам дека во периодот што следи ќе го доразработиме проектот, замислата, идејата каква ни е. Кој да биде инвеститор, кој да го фасилитира тој проект, рече Мицкоски.
Тој појасни дека доколку носител на проектот биде АД ЕСМ, како компанија во државна сопственост, ќе мора да ги почитува процедурите согласно Законот за јавни набавки и да објави повик за изнаоѓање финансиска структура што би го финансирала проектот.
Јас очекувам дека на тој повик би се јавиле и DFC заедно со други заемодаватели, рече Мицкоски.
Во однос на посетата на САД, премиерот оцени дека станувало збор за „исклучително силна и успешна посета“, при што ги нагласи средбите во Атлантскиот совет, разговорите со дипломатски претставници и средбите со лидери од регионот.
Мицкоски рече дека со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш повторно разговарале за приоритетите на меѓународната сцена и оти од него добиле, како што наведе, поддршка и разбирање за фрустрациите во однос на процесот на пристапување кон ЕУ.
Во врска со критиките од опозицијата дека владината делегација во Њујорк броела околу 50 лица и дека биле трошени јавни средства, Мицкоски ги отфрли тие наводи.
Не станува збор за такво нешто. Многу, многу помалку, можеби и помалку од половина од таа бројка беше таму присутна, рече премиерот.
Според Мицкоски, присуството на повеќе владини претставници во Њујорк било поврзано со различни настани во рамките на Генералното собрание на ОН, но и со економски средби што паралелно се одржуваат.
Тој посочи дека македонската делегација остварила средби со претставници на повеќе компании и индустрии, меѓу кои, како што наведе, воената, ИТ, автомобилската и фармацевтската индустрија.
Мицкоски го издвои и состанокот со високи претставници на Стејт департментот, оценувајќи го како средба на која биле потврдени политичките позиции на Македонија и определбата за продлабочување на соработката со САД.
Стратешкото партнерство со САД останува еден од главните надворешнополитички приоритети на Владата, истакна Мицкоски.

Македонски


